Министерот за транспорт и врски заедно со градоначалникот на општина Гази Баба денеска доделија дваесетина решенија за легализација на дивоизградени објекти на граѓани од општина Гази Баба.

Министерот Сугарески во ијзвата за новинарите  упати апел до граѓаните да не ги чекаат последните денови и да ги запазат новите рокови за достава на документацијата.

Во продолжение изјавата на министерот: 

Денеска заедно со градоначалникот доделивме решенија за легализација на бесправно изградени објекти во општина Гази Баба.

Со ова се овозможи граѓаните што ги добија решенијата конечно да си ја добијат сопственоста над своите објекти за да можат да располагаат по разни основи.

Минатата година по барање на граѓаните го продолживме рокот за достава на барањата и при тоа овозможивме:

Од почетокот на годинава до крај на годината да може да се доставуваат барања за легализација и тоа за сите оние кои претодно не доставиле никакво барање до општината, значи се работи за нови барања.

И вториот рок е до крај на јуни каде сите граѓани кои претходно не ја комплетирале документацијата сега да можат да достават комплетна документација за да можат одново да започнат со постапката за легализација.

Сакам да апелирам до сите граѓани да не ги чекаат последните месеци или денови и да ја достават документацијата во дадените рокови за да можат општините да си ја вршат работата. Исто така апел и до општините да се екипираат и сите заеднички ефикасно да го заокружиме овој процес кој се надевам дека ќе имаме голем бенефит сите.