1.  ГосподинеСугарески, на крајот на секоја година вообичано се прават рекапитулари, се  сведуваат резултатите, сметките, па и впечатоците за изминатите 12 месеци. Вашето видување за македонскиот патен транспорт во 2017-та, и во товарниот и во патничкиот сегмент, каде се чини  дека овој пат нашите транспортни компании се судираа со нешто повеќе проблеми на меѓународните релации, отколку дома, односно во земјава. И кои се Вашите прогнози во пресрет на 2018 година, се разбира во врска со оваа најдинамична област на економијата?

Јас сум секогаш оптимист. Очекувам 2018 година да биде година на заздравување на транспортниот сектор. Не го говорам ова без причина, туку од самиот факт што интересот за работа на транспортните компании дома и во странство се зголемува. Кај нас во Министерството за транспорт и врски се гледа раздвижување во патниот и товарниот сектор што ми дава за право да гледам на работите оптимистички. Во изминатиот период напорно преговараме и со трети земји за зголемување на дозволите за работа бидејќи како што ви кажав интересот е се поголем. Очекуваме за одредени земји да добиеме дополнителни дозволи што дава дополнителен стумул за домашните транспортери. Моментално транспортниот сектор во земјава го надминува железничкиот превоз на стока и тоа е показател колку оваа дејност е значајна за домашната економија. Така да очекувам 2018 година да биде многу подобра и извесна во однос на 2017 година. Ги охрабрувам домашните транспортери и компании, а државата како и до сега ќе ги штити нивните интереси. Во однос на 2017 година, сакам само да спомнам дека беше многу турбулентна па и за овој сектор и се  надевам дека брзо ќе ја заборавиме, само во интерес на раст на економијата.

2. За почетокот на новата 2018 година е најавено стапување во сила на одредбите од ЕКМТ - Повелбата за квалитет во патниот транспорт во Европа, која претставува нов стратешки документ за меѓународниот патен сообраќај на стариот континент. Повелбата донесува низа новини, а пред се во делот на (до)обуките на транспортерите и сертифицирањето на нивните кадри, каде пак, од Меѓународната унија за патен транспорт –ИРУ, најголемата транспортна асоцијација во светот и еден од ко-изготвувачите на овој документ се бара иусогласување на националните барања за обука со официјално признатите меѓународни норми - или програмите и стандардите на ИРУ Академијата, што во Македонија најдиректно ги применува Центарот за обука на СИЗ Македонија сообраќај - АМЕРИТ. До каде се активностите во Вашиот ресор за ова усогласување?

- Во однос на ова прашање сакам да спомнам дека работме на законските измени во кои целосно ќе бидат инкорпорирани одредби со цел усогласување со Повелбата за квалитетво патниот транспорт во Европа. Измени во таа насока ќе претрпат и Законот за превоз во патниот сообраќај и Законот за работното време, задолжителните одмори на мобилните работници и возачите во патниот сообраќај и уредите за запишување во патниот сообраќај.

3. На крајот и на оваа година, во Министерството за транспорт и врски  се реализира можеби најважниот чин и момент за транспортерите на стоки – распределбата на транспортните дозволи за наредната година, која сега се спроведе последните денови од ноември. Кои се билансите на издадени транспортни дозволи, а особено оние највредните – ЦЕМТ-овите и дали финишираше одобрувањето на возните редови и линии за меѓуопштинскиот и меѓународниот превоз на патници. И дали  со овие годишни административни операциии со можеби најбараните и најпосакуваните транспортни документи ќе се обезбеди нормално функционирање на македонскиот патен транспорт во наредниот период?

- Оваа година распределивме вкупно 1520 ЕКМТ дозволи за превоз на стока за возила со Еуро 5 и Еуро 6 стандард. Исто така во текот на 2018 година на билатерална основа со останатите држави разменуваме околу 70 000 поединечни транспортни дозволи, билатерални, транзитни и дозволи за и од трети земји. Имаме потреба за дополнителни дозволи и во таа насока ќе ги засилиме билатералните средби со државите на кои ќе се настојува да се добие зголемување на квотата на дозволи кои ги разменуваме.

4. Истовремено, во Министерството за транспорт и врски тече процесот на либерализација на патниот транспорт со европските земји. До каде се активностите на овој план и има ли некои новитети за периодот што следи?

- Како што напоменав и претходно во план сме да ги засилиме билатералните средби со државите на кои ќе бараме зголемување на квотата на дозволи кои ги разменуваме. Досега на заедничките влади што ги одржавме со Република Бугарија и  Албанија ги отворивме овие прашања и во наредниот период очекуваме истите да се реализираат.

5. Владата, со самиот старт, веднаш по наименувањето, почна широка регионална иницијатива во чии рамки кај нас се одржаа 6. САМИТ 100 на бизнис лидерите од ЈИЕ, неформалниот состанок на директорите  на царинските управи од Западен Балкан, заедничките владини седници и секако билатерални ресорски средби, при што меѓу нивните приоритети беше токму патниот транспорт. Ќе продолжи ли овој тренд во иднина и какви ефекти очекувате од ваквата меѓународна активност на Владата и на овој владин ресор во регионот, а и пошироко?

Секако ќе продолжи, тоа е наша обврска.  Еден вид патоказ за насоката на движење на идната транспортна политика на Република Македонија претставува и неодамна потпишаниот Договор за основање на транспортна заедница, каде и официјално станавме членки. Договорот се темели на заедничкото право на Европската Унија и истиот треба да обезбеди интеграција на транспортниот сектор на Регионот во оној на Унијата, кој воедно претставува и потврда на заложбите и поддршката на Унијата на политиката на проширување. Тоа ни дава за право да бидеме фокусирани на подобрување на услугите во транспортниот сектор не само внатре во државата, туку и регионално што е и основна цел на ова заедничко дејствување. Во таа насока сум голем оптимист и верувам дека и нашите пријатели од Европската Унија ќе не поддржат во тоа. 

6. И годинава што измина, како впрочем и последниве неколку години, сведоци сме дека се враќа сообраќајот на нашите патишта, што го имавме во периодот пред непријатните случувања во регионот од пред две и пол децении. Што покажуваат податоците од автопатските наплатни рампи и до каде се активностите за воведување на  електронската наплата на патарината на автопатските делници на Коридорите 8 и 10 ?

Точно е. Имам зголемување на бројот на возила кои се движат по автопатиштата во Република Македонија, посебно во периодот на годишните одмори. Верувам дека со доизградбата на новите автопатски делници и со реконструкцијата на Коридор 10 што ја правиме во моментов во соработка со ЈПДП тој број значително ќе се зголеми. Знаете нашата цел е да станеме главна транзит земја и верувам дека ке биде така со планираните инвестиции.

Во однос на воведување на електронска наплата на патарината на Коридорот 10, работите се во тек. Опремата за електронска наплата е комплетно инсталирана на новата наплатна станица Романовце на делницата Куманово – Миладиновци и обратно. Потоа во завршна фаза се подготвителните активностите за технички прием на новата наплатна станица Романовце. Во моментов се одвиваат и градежни работи со реконструкција на две наплатни станици Сопот (делница Петровец – Велес) и Отовица (делница Велес – Петровец). Исто така наредите денови очекуваме да почнат градежните работи за реконструкција на уште две наплатни станици Петровец (делница Скопје – Петровец и обратно) и Градско (делница Велес – Градско и обратно), како и изградба на објектот во непосредна близина на наплатна станица Петровец каде ќе биде сместен централниот систем за наплата на патарина.  Електронската наплата на патната такса ќе биде овозможена кога овој систем ќе биде во функционална состојба на повеќе наплатни станици на Коридорот 10.

За Коридорот 8, се прават анализи околу постапката за воведување на електронска наплата на патарина за што се надеваме дека во првиот квартал на 2018 година ќе се најде решение. Во моментов сме во преговори со ЕБОР за проширување на заемот и за другите наплатни станици на новиот автопат Миладиновци – Штип, на наплатните станици на Коридор 8, како и за користење на софтвер за готовинска наплата на патарина во преодниот период.

7. Возниот парк е секако еден од клучните фактори во работењето на патните транспортери, и тоа подеднакво и во автобускиот превоз и во транспортот на стоки. На овој план изминатите години беа спроведени низа мерки и активности, кои требаше да доведат до модернизација, па и зголемување на транспортниот возен парк во државата. Се остваријата ли ваквите најави и што треба да очекуваме на овој план во периодот што следи, во услови кога меѓу транспортерите се почести и се погласни се барањата за субвениции за оваа намена, особено што, велат, транспортот е извозно и девизно ориентирана дејност?

Со самиот факт дека интересот за дозволи за возила со ЕВРО 6 стандарди се зголемува, верувам дека и Република Македонија ги следи европските стандарди во однос на употреба на вакви возила на пазарот. Тоа покажува дека и домашните транспортери се во чекор со регулативите што ги наметнува ЕУ . Но тука сакам да спомнам дека мора да се види и реалната состојба на пазарот и мислам дека засега не постои простор околу директно субвенционирање. Ние како Влада сме целосно отворени и би ги разгледале сите предлози што доаѓаат од транспортните здруженија какоа што тоа го правиме и до сега. Секој добар предлог кој би бил реален и прифатлив за нас, ќе го земеме во предвид.   

8.Министерството за транспорт и врски,  меѓу другото е постојано активно и со воведување новини во законската регулатива од сферата на патниот транспорт, и тоа во делот на договорите за превоз, кај јавните патишта, па и безбедноста на сообраќајот на патиштата, на што сте активни заедно со МВР и РСБСП. Дали моментно се работи на некои измени во законските акти за патниот транспорт, а особено кога станува збор за оние за деловната и сообраќајна сигурност на превозниците и секако за борбата со сивата економија во транспортот ?

Видете, нашата намера е да ги подобриме условите на работа за транспортерите како од аспект на побрз и сигурен транспорт така и од безбедносни причини во поглед на задолжителните одмори. Веќе спомнав дека работме на измени кои целосно ќе бидат усогласени со Повелбата за квалитет во патниот транспорт во Европа. Како последица на тоа змени ќе претрпат и Законот за превоз во патниот сообраќај и Законот за работното време, така да ќе ја унапредиме легислативата чекор понапред.

9.Министерството за транспорт и врски,  МВР и АМЕРИТ пред неколку години успешно го реализираа проектот за воведување на дигиталните тахографи и мемориските картички за нив, кој доби и соодветна меѓународна верификација. Најавено беше и се очекуваше овој проект да биде комплетиран и со воспоставувањето на неговиот контролен сегмент, за што беа реализирани и обуки на лица од МВР и од Државниот инспекторат за транспорт. До каде е финализацијата на целиот овој проект?

Колку што сум информиран, Проектот "Зајакнување на административните капацитети на Државниот инспекторат за транспорт" е завршен во 2014 година и беше финансиран преку ИПА 1 компонентата. Времетраењето на проектот беше 18 месеци со буџет од околу 800.000 евра. Во тој период, Државниот инспекторат за транспорт во 2013 година беше опремен со нова опрема за следење и надзор на тахографи на патиштата, како и во просториите на компаниите.

10.Освен патниот транспорт, овој ресор, што во светот го нарекуват и „мини влада“, ги опфаќа и другите транспортни и комуникациски сектори. Кои се најзначајните моменти, проекти и зафати, на кои ќе бидете ангажирани идната година во сферата на железничкиот и авиосообраќајот? И до каде се активностите за реализација на проектот за кој има подготвено и посебна студија за изградба на мултимодални транспортни центри и јазли во Македонија, каде ќе се вкрстуваат разни видови сообраќај и транспортни средства?

Проектите во секторот Железници става посебен фокус на работата што планираме следната година да ја реализираме. Тоа подразбира интензивирање на изградбата на пругата од Куманово до Бељаковце, инвестиција од преку 40 милиони евра. Понатаму планираме средината на годината да отпочнеме со изградба на вториот дел од пругата кон Бугарија на потег од Бељаковце до Крива Паланка, проект вреден околу 145 милиони евра. Следната година очекуваме да заврши и проектирањето на последниот дел од пругата. Исто така 2018 година очекуваме да биде изграден пругата од Битола до Кременица, ќе започнеме да бараме извори на финансисрање за изградба на пругата кон Албанија, така да имаме конкретни проекти, сериозни инвестиции кои ќе значат економски развој на Република Македонија.

Во делот на авиосообраќајот имаме извонредни резултати. Следната година ќе распишеме нов повик за финансиска поддршка за нискобуџетни компании, што подразбира нови дестинации, нови можности за граѓаните и дополнителен развој на авиосообраќајот во земјата.

Ме прашавте и за мултимодалниот јазол. Проектот е веќе изработен, локацијата е избрана и целиот проект е доставен на увид до Делегацијата на Европската Унија бидејќи постапката одеше преку нив. Во наредниот период очекуваме одговор од нивна страна и да видиме во оја насока ќе се двиќиме со овој по мене многу значаен проект. Верувам дека ова е многу добро решение за целиот транспортен систем и се надевам дека ќе се изнајде сила ова да се реализира.

11. Поради јавниот и општествен карактер на дејноста што ја извршуваат, и за транспортерите и за нивните асоцијации, но и за самото Министерство за транспорт и врски на приоритетно место е меѓусебната соработка. Какви се вашите видувања и планови на ова поле и дали можете да најавите некои активности и проекти за  унапредување и продлабочување на соработката  со патните превозници во земјава и со транспортните асоцијации во кои тие членуваат?

Министерството за транспорт и врски на сите транспортни здруженија гледа како сериозен партнерво оставрување на поставените цели. А тоа е здрав сектор кој ќе се потпира врз меѓусебното разбирање во комбинација со пазарната економија. Досегашната соработка што ја имаме со транспортерите ја оценувам како мошне конструктивна и ве уверувам дека и во наредниот период таквата соработка ке продолжи на исто ниво се со цел заеднички да ги подобриме условите за работа на транспортните компании. 

http://amerit.org.mk/wp-content/uploads/2018/01/145-Transport-Logistika-web.pdf