Ако некој правел малверзации со легализациајта ќе сноси одговорност,законите овозможуваат одземање на ингеренциите на општините ако се утврди дека не ги почитуваат законите за продажба на државно градежно земјиште, во јуни ќе има нов јавен повик за субвенционирање на нискобуџетни авиокомпании, во подготовки е електронската наплата на патарините, вели министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски во интервју за Фактор.

Фактор: Автопатот Кичево – Охрид, за еден километар ќе не чини околу 9 или 10 милиони евра, ако се има во предвид дека сумата за негова изградба може да достигне до половина милијарда евра. Со оглед дека, некои работи се наплаќале и неколкукратно повеќе од она што е реална сума, како сега со новите анекси ќе го спречите истото, со оглед дека и натаму останува Синехидро да го работи проектот?

Сугаревски: Нашите досегашни анализи покажаа дека меѓу другото, високата цена на чинењето на автопатот Кичево –Охрид се должи на неколкукратната зголемена цена на градежните материјали што се користеле во текот на изградбата и тоа е многу симптоматично и нелогично, но за тоа има правосудни органи тие нека ги водат постапките и нека одлучуваат согласно законите. Нашата обврска како носители на проектот е да ги доставиме сите потребни материјали што беа побарани од нас до судските органи. Но тоа е едно од прашањата. Друга поважна работа што треба да ја решиме е следното. Бидејќи рокот за изградба на овој автопат согласно Договорот завршува за еден месец, се јави потреба тој рок да биде продолжен се со цел автопатот да биде изграден. Се уште преговараме околу рокот за продолжување и веројатно е тој да биде продолжен за околу три години. Она што сме на чисто е дека ќе направиме два анекси на договорот, еден за рокот друг за дополнителните финансиски средства што треба да се платат на изведувачот за да се доизгради автопатот. Ве уверувам дека ќе постигнеме таков договор со кој ќе да ги заштитиме државните интереси и интересите на граѓаните. Исто така Ве уверувам дека цените за градежните материјали нема да бидат истите како и претходните, ќе имаме строга контрола околу тоа, ќе признаваме реални цени согласно пазарот што ги нуди а не како што претходно се случувало. Она што е најважно и што мора да го сфатиме е дека тој автопат мора да биде изграден и тука нема дилеми. Секоја одлука за прекинување на изградбата е штетна и лоша и ние тоа нема да го дозволиме. 

Фактор: Што е со автопатот Миладиновци – Штип. Колку ќе чини неговата изградба за километар и кога ќе биде готов. Ккави проблеми се јавија на овој проект?

Сугаревски: Слично како и кај автопатот Кичево-Охрид и кај овој автопат се соочивме со низа пропусти, проблеми од типот на нерешена експропријација, столбови за електрична енергија на среде автопат, проблеми со легализација на објекти кои се наоѓаат на трасата на автопатот. Замислите тоа е надвор од секоја логичност, се трошат огромни пари на граѓаните а вие имате на среде автопат електричен столб. Тоа е незамисливо. Ни беше потребно време да ги исправиме сите овие работи и сега изградбата се одвива непречено. Веќе претходно информиравме дека потпишавне анекс и на тој Договор и дадовме нов рок до 30 септември годинава, автопатот да биде изграден и да биде пуштен во употреба. Во однос на финансиските средства, успеавме да постигнеме договор со Изведувачот цената на чинење да биде првичната без дополнителни финансиски импликации односно 206 милиони евра.  

Фактор: Кои инфраструктурни проекти ќе бидат приоритет на Владата во 2018 година?

Сугаревски: Покрај проектите во делот на патната и железничката инфраструктура, врвен приоритет ќе биде и Гасификацијата. Не помалку важни се и канализационите и водоводните системи и сметам дека тие се најпотребни во места каде нема никаква инфраструктура од тој тип.

Планираме 2018 година да завршиме со двата автопати, Демир Капија-Смоквица и Миладиновце-Штип. Потоа да започнеме со изградба на три експресни патишта Градско –Дреново како дел од експресниот пат Градско-Прилеп, потоа Штип - Радовиш и Ранковце –Крива Паланка. Ќе продолжиме и со изградба и на експресниот пат Штип-Кочани како и со реконструкција на веќе започнатите регионални патишта. Континуирано ќе работиме на изработка на проекти за изградба на автопатот Скопје-Блаце и експресен пат Прилеп-Битола-Меџитлија. Со почеток на градежната сезона ќе започнеме со реконструкција на 12 патни правци што ќе ги работиме со заем од Светска банка, како и 26 регионлани патишта што ќе ги работиме со заемот од Европската банка за обнова и развој. Генерално ќе инвестираме преку 160 милиони евра за реконструкција на патната мрежа со вкупна должина од преку 600 километри. 

Во делот на железницата, со засилено темпо ќе продолжи изградбата на делницата од Куманово до Бељаковце. Ќе започнеме со изградба и на втората делница од Бељаковце до Крива Паланка. Исто така очекуваме да се изгради и пругата кон Грција односно Битола-Кременица и кракот до индустриската зона Жабени. Ќе продолжи и реконструкцијата на пругата на Коридор 10, а ќе продолжиме со преговорите за финанисрање за изградба и на пругата кон Албанија.

Реков гасификацијата е врвен приоритет. Засилено ќе продолжиме со изградба на магистралните делници. Ќе се распишат и јавни повици за изградба на интерконкциски мрежи кон Грција и Бугарија како и поврзување на ТЕЦ Неготино со магистралниот гасовод.

Ќе се обидеме посебен фокус да ставиме на изградба на канализации и водоводи во секоја една општина и населено место каде има потреба од тоа. Незамисливо е во овој момент да немате водовод или канализација. Тоа мора да се промени. Имаме издвоено средства што од буџет, што обезбедено грантови или заеми и ќе почнеме да работиме на изградба на комунална инфраструктура во сите населени места. Имаме силна програма ќе се обидеме да се движиме во зацртаните проекти.

Фактор: Во најава е дека ќе аплицирате за грант за изгрдба на автопат Гостивар -Киќево. Проценките се декса таа изградба би чинела околу 500 милиони евра. Од каде и како мислите да обезбедите толку пари?

Сугаревски: За изградба на еден таков голем капитален проект потребни се многу средства а буџетот не може тоа да го истрпи. Во преговори сме со неколку меѓународни финансиски институции и се надевам дека ќе обезбедиме поволни заеми за изградба и на овој важен дел од автопатот на Коридор 8. Со оглед на комплексноста на оваа траса, тој автопат планираме да го градиме во три делници и тоа: Прва делница Кичево – Букојчани за што веќе се изработува проектна документација и се очекува крајот на 2018 или почеток на 2019 да започнеме со изградба. Проценките се дека оваа делница ќе чини околу 90 милиони евра а средствата би се обезбедиле од ЕБОР. Втората делница е Букојчани – Горна Ѓоновица и третата делница Горна Ѓоновица – Гостивар за што се обезбедени грант средства за проектирање преку финансиските инструменти на ЕУ и се очекува во следниот период да започне изработката на проектната документација.

Фактор: Годинава сепак ќе заврши со драстична ниска реализација на капиталните инвестиции? А во пад е и градежниот сектор?

Сугаревски: Јас не би се согласил со тавките тврдења. Кога зборуваме за нашиот ресор за министерството за транспорт и врски имавме реализација на буџетот од 93 % за 2017 година и сметам дека ова е добар показател како се работи откако сме дел од извршната власт. Ве уверувам дека така ќе биде и оваа година и ќе се потрудиме се тоа што сме зацртале да го исполниме. Друга работа што е многу важна и сакам посебно да ја потенцирам е фактот што Министерството за транспорт и врски искористи 107 % од средствата од ИПА оперативната програма 2007 -2013 година која заврши во 2017 година. Сите средства се искористија за капитални проекти што ги работевме во соработка со Делегацијата на Европската Унија. Во однос на градежништвото, сакам да потенцирам дека очекувам тоа дополнително да земе учество во Бруто домашниот производ бидејќи очекувам висока реализација на капиталните проекти.   

Фактор: Поразителен е фактот дека само 18 отсто од општините имаат покриеност со водоводна и канализациона мрежа. Како планирате да ја смените оваа состојба? 

Сугаревски:Токму така сметаме и ние. Поразително е да имаме 18 % покриеност со комунална инфраструктура. Кога ме прашавте за капиталните проекти не случајно ја спомнав изградбата на водоводите и канализациите. Тоа е нешто на што ние во министерството ќе посветиме големо внимание. Сакам да кажам дека преку кредитната линија на Европската инвестициона банка на општините стојат на располагање средства за изградба или реконструкција на канализации и водоводи. Доволно е само тие до нас да достават готов проект и понатаму ние ја обезбедуваме целата постапка се до нејзина реализација. Упатувам уште еден апел до сите општини што имаат средства на располагање, што побрзо да изготват готови проекти и да ги достават до министерството за да може да се забрза постапката. Оваа кредитна линија завршува оваа година и за да не се случи парите да останат неискористени, општините е потребно да бидат поажурни во однос на ова. Иста така преку КФВ банката од Германија обезбедивме вкупно средства од висина од 8 милиони евра, 5 милиони евра грант и 3 милиони заем за подобрување на водоснабдувањето во Кавадарци, Радовиш и Гевгелија. Обезбедивме и грант од Швајцарија за подобрување на водоснабдувањето во Гостивар. Исто така со буџетски средства ќе се доизгради и канализацијата за Сончев град и водоводот во Сопиште, така да имаме многу голем број на проекти за што ќе вложиме не само средства туку и многу енергија за да ги реализираме.

Фактор: Во каква финансиска кондиција се МЖ Транспорт и МЖ Инфрасктруктура. Што покажуваат финансиските извештаи за последните пет години за секоја од нив поединечно и како ќе ја подобрите нивната состојба? 

Сугаревски:Континуирано се соочуваме со значителни финансиски издатоци од државниот буџет кон МЖ Транспорт. Тоа се правело и претходно, тоа се прави и сега и според мене тоа не дава добри резултати ниту на крток рок ниту на долг рок. Како Влада, започнавме еден процес на системско решение, вршиме анализа на работењето и веруваме дека ќе изнајдеме најбезболно решение за сите, како да се постави на прав пат, да оставрува приходи за да може самостојно да функционира. Од друга страна, се повеќе се отвора прашањето за либерализација на пазарот, морам тука да спомнам дека и во Законот за железнички систем пропишано е дека либерализацијата ќе се овозможи кога земјата ќе стане членка на Европската Унија. Затоа мораме полека да се подготвуваме за тој процес, системски да ги решаваме работите а не само парцијално и само така ќе успееме да го направиме доходовно претпријатието.  

Фактор: Конкретно, како ќе го решите проблемот со МЖ-Транспорт, каде вработените со години наназад штрајкуваат за да добијат плата?  - Сега, ЕЛЕМ и МЕПСО ќе им дадат заем за плата, но што понатаму?

Сугаревски: Железничкиот транспорт е многу важен за земјата. Компанијата има капацитет но мора да се признае дека има и многу долгови. Полека и внимателно ќе ги решаваме проблемите што се јавуваат. Многу е важно да нема застој во работењето, само на тој начин ќе се обезбедуваат средства за репорматеријали, за плати и за другите трошоци во компанијата. Имаме раст во транспортот од оклу 14 % за овие неколку месеци, што дава надеж но е далеку од доволно за нормално работење. Внимателно ќе ги разгледуваме сите социјални и финанискси аспекти од работењето и ќе бараме најрационлано решение што ќе даде добри резултати за компанијата а со тоа ќе се намали и притисокот врз државниот буџет. 

Фактор: Што е со пругата Битола- Кременица? Како, односно со кои средства и кога овој проект ќе се заврши. Но, о што ќе биде со бугарскиот конозрциум што остана должен на домашните подизведувачи?

Сугаревски: И пругата Битола-Кременица беше дел од проектите на кои наидовме на огромен застој. Договорот се раскина и тоа сметам дека е правилна одлука. Пругата е капитален проект кој е многу значаен за стопанството во целина и како таков мора да го завршиме. Затоа во соработка со ЕУ, бидејќи средствата беа обезбедени преку ИПА фондовите, распишавме нов тендер, се избра компанија и набрзо очекувам да започне изградбата и пругата да биде завршена до крај на 2018 година. До сега околу 4,5 милиони евра беа искористени од вкупно 20 милиони евра што ЕУ ги обезбеди за нејзина изградба. Сега изградбата ќе се финансира со комбинација од средства од ЕУ и од државниот буџет. Во однос на претходниот Изведувач, не би сакал да коментирам. Тоа што беше од наша страна го сторивме, договорот е раскинат, сега понатаму има судски органи во државата  тие нека ја водат постапката. Едно е јасно а тоа дека одговорност мора да има.  

Фактор: Со децении се најавува завршување на пругата кон Бугарија, и постојано се јавува некој проблем поради кој овој проект не е завршен. Проблеми се јавија и кај овие делници. Кога и како овој проект ќе може да биде завршен?

Сугаревски: Меморандумот за железничко поврзување што го потпишавме со Бугарија дава точни рокови кога треба да ги завршиме делниците на пругата кон Бугарија. Работите полека ги исправаме и на тој проект бидејќи и таму имаше задоцнување и сметам дека во рамките на тие рокови пругата ќе биде целосно изградена. Инаку делот до Бељаковце очекуваме да биде завршен оваа година, исто така оваа година ќе започне и изградбата на делницата од Бељаковце до Крива Паланка. Според планираното, оваа делница ќе биде завршена до 2021 година. И за изградбата на оваа делница, средствата се веќе обезбедени  од Европската банка за обнова и развој а ќе се користи и грантот од 70 милиони евра обезбеден од ЕУ.

За третата секција од Крива Паланка до границата со Бугарија во завршна фаза е изработката на проектната документација. Се проценува дека изградбата би чинела меѓу 350 и 400 милиони евра.

До сега имаме обезбедено 60 милиони евра преку Оперативната ИПА програма 2014-2020, останатите ќе ги обезбедиме преку меѓународни финансиски институции кои имаат пројавено интерес за финансирање на оваа делница. Нашите планови се изградбата да започне 2020 година а да заврши во 2025 година. Очекуваме комплетно пругата од наша страна да биде готова до 2025 година. 

Република Бугарија со Меморандумот се обврза модернизација на железничката линија од Софија до Ѓуешево да биде завршена до крајот на 2026 година, а делот од Ѓуешево до граница со Република Македонија да биде завршена до крајот на 2027 година.

Фактор: Што е со пругата кон Албанија?

Сугаревски: Веќе објавивме дека проектната документација за изградба на нова пруга од Кичево до Лин е веќе изготвена. Бидејќи се работи за проект кој вреди преку 500 милиони евра не е можно финанисирање директно од Буџетот. Веќе разговараме со претставниците од ЕУ да го разгледаат значењето на овој проект за негово финасирање или кофинансирање. Исто така пројавуваме интерес и кај меѓународни финанискси институции за овој проект но сега е многу рано да се каже дека имаме конкретен одговор. Она што сакам да потенцирам е значењето да ја изградиме оваа пруга бидејќи ќе ја завршиме оската Исток-Запад на Коридор 8 и ќе овозожиме регионално поврзување како и раст и развој на регионот во целина. Затоа е многу важен проект на кој во наредниот период ќе посветиме поголемо внимание.

Легализација -  Ние излегуваме на терен по пријава и така постапуваме. Ве уверувам дека ќе биде санкциониран согласно законските прописи секој оној кој се обидел или направил било каква малверзација.

Фактор: Го продолживте рокот за легализација на дивоградби. Но, имате ли сознанија за малверзации со легализацијата во некои општини? Односно,  дека се издавале решенија за легализација за објекти што воопшто не се ниту изградени, и дека ако сега проверите ќе видите дека објекти нема, а решение за легализација на дивоградба е издадено. И дали тоа може да се провери во соработка со катастарот или со другите надлежни институиции?

Сугаревски: Легализацијата на дивоизградените објекти е процес кој треба да овозможи секој еден граѓанин кој поднел барање за легализација и ако ги исполнува сите услови согласно Законот да добие сопственост над објектот.  Процесот го водат општините, министерството за транспорт и врски и катастарот во соработка со други институции. Секој еден, било општина било друга институција, било вработен во таа инстиутција издаде решение спротивно од Законот ќе сноси одговорност. Ние излегуваме на терен по пријава и така постапуваме. Ве уверувам дека ќе биде санкциониран согласно законските прописи секој оној кој се обидел или направил било каква малверзација. Законот е прецизен и јасен и тука нема отстапки. 

Фактор: За 70 денари за метар квадратен ќе се продава земјиште за изградба на ученички, студетски домови и старечки домови. Но, веќе имаше реакции дека е контрадикторно тоа што во општини во кои воопшто нема високообразовни институции, ќе се овозможи да купува земјиште за оваа намена за 70 денари по квадратен метар?

Сугаревски: Не е воопшто контрадикторно, напротив сметам дека е иклучително важна за стимулирање на одредени дејности во оние општини за кои се однесува.  Во јавноста погрешно се интрепетира оваа мерка и сега ќе објаснам зошто. Морам да појаснам, оваа мерка односно цената од 70 денари за метар квадратен се однесува само за купување на земјиште за дооформување на парцела за кое претходно е купена преку јавно наддавање со намена за изградба на  ученички и студентски домови, домови за престој на стари лица, за деца без родители и домови за незгрижени лица.

Друго работа што сакам да појаснам е дека мерката не се однесува само за студенски домови за што ме прашувате конкретно, туку се однесува за објекти за изградба со намена А3 и тука спаѓаат сите оние што претходно ги спомнав, бидејќи така е уредено со Законот за градежно земјиште.  

Со фактот што оваа мерка може да се применува во 58 општини во државава, сметам дека дополнително ќе ги поттикнеме приватните инвеститори да размислуваат во насока на нови инвестиции и отворање на нови работни места.  

Фактор: Што со општините кои продаваат државно земјиште за цена од едно евро за квадратен метар и тоа на атрактивни локации со намена за домување во станбени куќи А1 иако пазарната вредност на земјиштето во околината е далеку повисока од онаа што сега општините ја нудат на огласите. При тоа отворени се сомнежите за преподажба на тие земјишта од оние кои ќе ги купат за многу повисоки цени или пак за пренамена на објектите кои првично се предвидени дека треба да се градат. 

Сугаревски:Цената на градежното земјиште е пропишано согласно Уредбата за висина на цената на градежното земјиште сопственост на Република Македонија и висината на посебните трошоци за спроведување на постапките за отуѓување, објавена во Службен весник број 163 од 2013 година. Оваа уредба ја носи Владата на Република Македонија и со нејзе се пропишани конкретни цени кои се однесуваат на продажба на државното земјиште. Министерството за транспорт и врски има увид во постапките за отуѓување на земјиштето што го водат општините со што се води целосна контрола над тој процес. Со оглед дека на поголем дел од општините им се префрлени надлежностите за управување со градежното земјиште, Законот предвидува и одземање на веќе дадените надлежности доколку не постапуваат согласно Закон.  

Фактор: Од кога ќе ги модернизирате патарините, кои патарини и како тоа ќе функционира?

Сугаревски: Опремата за електронска наплата е комплетно инсталирана на новата наплатна станица Романовце и веќе се прави технички прием за истата.  Во моментов се одвиваат градежни работи на двете наплатни станици Сопот и Отовица кај Велес, а исто така наредите денови очекуваме да почнат градежните работи за реконструкција на уште две наплатни станици и тоа Петровец  и Градско  како и изградба на објектот во непосредна близина на наплатна станица Петровец каде ќе биде сместен централниот систем за наплата на патарина. 

Електронската наплата на патната такса ќе биде овозможена кога овој систем ќе биде во функционална состојба на повеќе наплатни станици на Коридорот 10.

За Коридорот 8, се прават анализи околу постапката за воведување на електронска наплата за што се надеваме дека во првиот квартал на 2018 година ќе се најде првично решение. Во моментов сме во преговори со ЕБОР за проширување на заемот и за наплатните станици на Коридор 8, за другите наплатни станици на новиот автопат Миладиновци – Штип, како и за користење на софтвер за готовинска наплата на патарина во преодниот период.

Фактор: Дали ќе продолжи субвенционирањето на нискобуџетните авиокомпании?

Сугаревски:Стратешка цел на Владата на Република Македонија е да овозможи раст и развој на воздушниот сообраќај во Република Македонија.  За таа цел имаме намера и во наредниот период да овозможиме финансиска поддршка за нискобуџетни авиокомпании кои ќе понудат нови дестинации за македонските граѓани преку пониски цени на авиобилетите. Со оглед дека договорот со компанијата која моментално добива финансиска поддршка истекува во месец јуни, планираме да објавиме нов јавен повик на кој ќе можат да се пријават сите заинтересирани нискобуџетни компании. Во моментов се прави стратегија за начинот за отпочнување на постапката во насока на начинот на финансирање и сметам дека во првиот квартал ќе имаме подетални информации за ова. Она што е најважно е да овозможиме услови за подобри резултити во ависообраќајот и во наредните години.