„Во Македонија се случува најголемата градежна експанзија, а инвестициите само на патната мрежа надминуваат милијарда евра“, вели Владо Мисајловски, министер за транспорт и врски

Г. Мисајловски, по долгогодишен застој во инвестициите во патната инфраструктура, во моментов во тек се неколку проекти за изградба на патишта. Кои се приоритетите на Македонија за подобро поврзување со регионот и Европската Унија? 

Во Република Македонија моментално се случува најголемата градежна експанзија. И тоа е факт кој не може никој да го оспори. Инвестициите само на патната мрежа надминува милијарда евра, што се рекордно највисоки средства што некогаш се вложиле во овој сегмент. Република Македонија има стратешка позиција во регионот од аспект на поврзување со Паневропските коридори и затоа инвестициите во изградба на квалитетна патна мрежа на двата коридори имаат клучно значење за поврзување со земјите од Европската Унија. Приоритетите се дефинирани одамна и како што веќе се гледа на терен активно се работи на изградба на автопатите како и регионални патишта кои значително ќе ја подобрат поврзаноста со останатите европски коридори. Непрекинато се работи на неколку автопатски делници на Коридор 10. Во соработка со ЕУ работиме на реконструкција на автопатската делница од Куманово до Миладиновце во должина од 23 км и инвестиција од 5,5 милиони евра, а во тек е тендер и за реконструкција на коловозот од Миладиновци до Куманово. Овој месец ќе започнеме со реконструкција и на најоштетената делница од Неготино до Демир Капија во должина од 8 километри во двата правци, инвестиција од 5 милиони евра. Привршуваат градежните работи на делницата Демир Капија до Смоквица, проект вреден 206 милиони евра и проект кој се реализира по сите модерни стандарди. Во исто време се работи и на делницата од Смоквица до Гевгелија, инвестиција од 4,2 милиони евра, претходно ги рехабилитиравме делниците од Катланово до Велес и од Велес до Катланово, завршивме со проектот за санација на сите мостови на овој коридор како и на осветлување на сите тунели. Практично следната година ќе да имаме комплетно нов автопат. 

Во однос на Коридорот 8, во тек е изградбата на автопатот од Охрид до Кичево, најголемиот капитален проект до сега што го реализираме, вреден околу 400 милиони евра. Распишавме тендер за реконструкција на делницата од Кичево до Гостивар, но да потенцирам дека не се откажуваме од идејата за изградба на нов автопат на овој потег. Во тек е изработка на проекти за изградба на сосема нова делница, практично тоа е еден од приоритетите за подобра конекција на овој Коридор. Кон истокот, очекувам во 2017 со почеток на градежната сезона да започнеме со изградба на експресниот пат од Ранковце до Крива Паланка инвестиција од 78 милиони евра, како и реконструкција и проширување на ниво на автопат на делницата од Крива Паланка до Деве Баир, проект вреден 30 милиони евра. Само како еден податок, до сега сме завршиле 1.360 километри патна мрежа. Ова се сериозни вложувања со кои докажуваме дека сме земја што нуди квалитетни патишта на европската мрежа на Коридори. 



Моделот на концесионирање на автопатиштата неколкупати се покажа како неинтересен за странските инвеститори. Има ли други прифатливи модели преку кои ќе се обезбеди побрза изградба на што поголем број автопати?


Пред неколку години имаше само еден обид преку Јавно приватно партнерство да се понуди изградба на една автопатска делница и да се даде под концесија. Тоа што сме го ветиле пред граѓаните, не се откажуваме. Цело време сме во постојан контакт со различни меѓународни компании кои се заинтересирани на некој начин да влезат во партнерство со државата во изградба на автопатски делници и да ги менаџираат. Ние како Влада мора да водиме сметка да ги заштитиме и државните интереси, па така ги утврдуваме предностите што може да ги добиеме преку моделите на концесионирање. Сега сме фокусирани само на две автопатски делници што планираме да ги градиме преку јавно приватно партнерство и тоа делницата од Гостивар до Кичево и делницата од Скопје до Блаце. Но, не ја исклучуваме можноста ако ваквиот начин се покаже како прифатлив за нас, да понудиме и нови патишта што би се граделе преку партнерство со приватни компании. 



Мигрантската криза и штрајковите на железничките работници во Грција и' нанесоа огромни финансиски загуби на македонската железница. Реални ли се плановите дека може да се обезбеди железничка алтернатива на Коридорот 8?

Реалноста е видлива на терен. Работиме на изградба на пругата од Куманово до Бељаковце, проект вреден 40 милиони евра. Во тек е тендер за избор на фирма што ќе ја гради делницата од Бељаковце до Крива Паланка, за оваа делница веќе обезбедивме 147 милиони евра и очекуваме следната година да започнеме со изградба. Во меѓу време го проектираме и последниот дел од поврзувањето со Бугарија, од Крива Паланка до Деве Баир и очекувам со изградба да се започне во 2017 година. Кон Запад исто така во тек е проектирање на нова пруга од Кичево до границата со Албанија. Железничкото поврзување на Коридор 8 е еден од приоритетите на оваа Влада и во наредниот период посебно внимание ќе им дадеме во реализација на овие капитални проекти. Нашите проекции се дека во 2022 година ќе имаме нова пруга на Коридор 8. 



Од кои причини доцни имплементирањето на електронската наплата на патарините?

Министерството за транспорт и врски е силно посветено на реализација на овој проект. На терен започнато е со изградба на наплатната станица кај Романовци, се работеше и на допроектирање и усогласување на проектот бидејќи во исто време се реконструира и автопатската делница од Куманово до Миладиновци. Знаете дека Коридорот 10 е најфреквентен и мораме да внимаваме да обезбедиме безбеден проток на возила. Ова за нас е многу значен проект кој ќе обезбеди брз и ефикасен систем за наплата на патната такса. Вкупната инвестиција е 18, 6 милиони евра.



Субвенциите во авиосообраќајот ја отворија Македонија кон многу европски дестинации. Ќе продолжи ли трендот на финансиска поддршка на авиопревозниците или сметате дека постојат услови за самоодржливост на нововоспоставените линии? 

Политиките што ги спроведуваме во авиосообраќајот покажаа големи резултати и ние како Влада сме многу задоволни од тоа. Статистиките покажуваат трикратно зголемување на бројот на патници и тоа не поттикнува и во наредниот период да работиме на обезбедување на нови дестинации. Успеавме Скопје и Охрид да ги ставиме на мапите на светските авиопревозници и очекуваме дека и во наредниот период на македонскиот пазар ќе влезат нови авиокомпании што ќе понудат атрактивни дестинации. Само да потсетам дека во 2006 година имавме само 15 дестинации, а сега имаме вкупно 35 линии од кои на 24 линии се нудат евтини цени за авиобилетите.



Градежништвото се покажа како мотор на економскиот раст. Дали и во наредниот период ќе се обезбедат доволно инвестиции во овој сектор, што ќе овозможи поддршка за целата економија?

Градежништвото во изминатите неколку години е двигател на домашната економија и тоа е резултат на реализација на капиталните проекти што ги спроведуваме. Говорејќи само за ресорот што јас го водам, инвестициите во инфраструктурата надминуваат над една милијарда евра и тоа се сериозни инвестиции каде што се вклучени речиси сите домашни компании. Она што е многу важно, е дека и понатаму остануваме фокусирани на проектите во патната и железничката инфраструктура, во изградба на канализациски и водоводни системи, во изградба на згради за социјални категории на граѓани и други капитални проекти со што ќе му овозможиме на градежништвото еден континуитет.