Недостатоците на автопатските делници и проблемите со кои се соочуваме не можат да се решат од денеска за утре. За сите тие проблеми знаела претходната Влада, но не ја информирала јавноста, вели во интервју за Прес24, Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.

-Јас тврдам дека и Никола Груевски шетајќи се по автопатот Кичево – Охрид точно знаеше за какви проблеми станува збор ама не сакаше да и каже на јавноста. Не е можно да не знаел дека има проблем. И да не ја лажеме јавноста дека треба да само да се продолжи со работа и дека проблемите ќе се решат. Не, ова не  може да се реши за еден ден, вели Сугарески во интервјуто за Прес24

Новиот министер за транспорт и врски вели дека владата на СДСМ ќе продолжи со изградба на патишта и дека ќе ги заврши сите почнати проекти за патиштата и на локално и регионално ниво. Посочува дека ќе се обидат да искористат и средства од ИПА фондовите.

-Ние имаме план за изградба на патот Скопје-Блаце, за продолжување на изградбата на експресниот пат Градско – Прилеп како и на патиштата меѓу Штип -  Кочани и Штип - Радовиш кои ги има во програмата на Владата. Значи, патиштата што се почнати ќе бидат довршени. Штом веќе се одвоени пари од буџетот, тие мора да бидат завршени. Не може да се менуваат приоритетите, тоа за што се дале пари на граѓаните мора да биде завршено, не може секоја нова Влада да ги менува проектите. Но оваа Влада ќе оди кон тоа најголем дел од проектите да се финансираат со пари од буџетот, со евтини кредити и пред се преку ИПА проектите кои сметам дека досега не се доволно користени, вели Сугарески за Прес24.

За разлика од претходната власт, новата влада смета дека на Македонија и е потребен национален авиопревозник, проект на кој ќе се работи, а идеја е охридскиот Аеродром да стане аеродром исклучиво за летови на ниско буџетните компании.

-Се што е направено добро и е во интерес на граѓаните, ќе продолжи. Можеби треба да ги земеме предвид примерите од соседството за правење на јавно – приватно партнерство за реализирање на овој проект. Во секој случај ќе ги разгледаме сите опции и ќе го извлечеме најдоброто решение, вели Горан Сугарески во интервјуто за Прес24.

ПРЕС24: Автопатските делници изминатиов период беа најактуелни во вашите преви неколку денови од мандатот како министер за Транспорт и врски. Ајде да разјасниме некои моменти. Дали работата на овие делници беше запрена пред вашето доаѓање или потоа...

СУГАРЕСКИ: Интензитетот на тие делници  е целосно намален уште пред  формирањето на Владата  на СДСМ. Покрај другите проблеми кои се појавија, за автопатот Миладиновци –Штип на 01 мај истечен е рокот за изградба.

Со намален интензитет се работи и на автопатската делница Кичево – Охрид каде се појавиле посериозни проблеми поврзани со нестабилност на косините дислокација на електро- енергетски објекти,  експропријација. Ова посебно важи за делот Кичево - Пресека за кој јавноста беше подетално информирана . Проблемот е настанат заради лошото планирање и изведба и појавата на свлечишта, лизгање на земјиштето, односно поместување на страничните делови на патот и затрупување на делницата. Оваа појава е најдрастична на овој дел од патот односно од 12-иот до 18-иот километар. Причина за ова е изборот на несоодветната траса, како и тоа што нема извршено геолошко бушење на теренот и нема ревизија на проект. Не се направени, или се направени минимални геотехнички и геомеханички испитувања на земјиштето. И најлошо од се е што по сите првични анализи, ова ќе ги чини граѓаните дополнителни 120 милиони евра.

ПРЕС24: Колку време е потребно за отстранување на проблемите?

СУГАРЕСКИ: Се уште се работат анализи кои треба да покажат во колкав временски рок може да се продолжи со зголемен интензитет на работа на овие автопатишта, бидејќи проблемите кои  ги има во изградбата не можат да бидат решени од денеска за утре. Врз база на тие анализи, и во најбрз временски можен рок, ќе бараме начин како да се интензивира работата на овие патишта,  се разбира и на другите каде што има проблеми.

ПРЕС24: Дали ќе има одговорност за фирмите и инженерите во случајот со автопатот Кичево-Охрид, со оглед не постапувале по препораките на надзорниот одбор како што беше објавено?

СУГАРЕСКИ:  Максимално како Министерство ќе ги покренеме сите механизми согласно надлежностите за утврдување одговорност на сите оние кои придонесле за ваквата ситуација. Јас искрено жалам што секогаш за ваквите ситуации цехот го плаќаат граѓаните на Република Македонија бидејќи тие ќе одвојуваат дополнителни средства за доизградба на овие патишта.

ПРЕС24: Во меѓувреме рековте дека има проблем со експресниот пат Прилеп – Градско. За што се работи? На што се пожалија шпанските изведувачи?

СУГАРЕСКИ:  Имав средба со шпанскиот Амбасадор на која присуствуваа и претставници на компанијата „Констракшн Рубао“ која ги изведува градежните работи на овој пат. Тие ги изнесоа проблемите со кои се соочуваат. Се пожалија на исплатата на средства која е извршена до овој момент, но исто така ги наведоа и проблемите на трасата, проблемите поврзани со археолошките наоѓалишта. Има навестување од нивна страна дека ако продолжи исплатата на овој начин ќе запрат со активности. Ќе реагираме најбрзо до ова да не дојде и да се интензивира работењето на изведувачот и со засилена динамика да продолжи изградбата на овој експресен пат.

ПРЕС24: Опозицијата тврди дека се ова се нормални проблеми кои се појавуваат при градба. Дека главен проблем е што немате визија. Ве повикаа да продолжите со градба.

СУГАРЕСКИ: Ова е тотална лага на распаднатото и неспособно ВМРО ДПМНЕ. Ако имаа било каква визија автопатот Миладиновци -Штип ќе беше готов досега и рокот немаше да помине.  Јас тврдам дека и Никола Груевски шетајќи се по автопатот Кичево – Охрид точно знаеше за какви проблеми станува збор ама не сакаше да и каже на јавноста. Не е можно да не знаел дека има проблем. И да не ја лажеме јавноста дека треба да само да се продолжи со работа и дека проблемите ќе се решат. Не, ова не  може да се реши за еден ден.

ПРЕС24: Во јавноста се појавија информации дека во позадина на овие случувања е некаква намера за раскинување на договорот со кинезите и избор на нов партнер. Дали таква опција е во игра?

СУГАРЕСКИ: Опозицијата на чело со ВМРО ДПМНЕ  е најдиректен виновник за ова што се случува бидејќи во изминатите пет години воопшто  во ниту еден момент не ја информираше јавноста кои се проблеми ги има на патиштата.  Да не заборавиме дека изградбата на овие патишта е под истрага на СЈО и веќе се подигнати обвиненија против тогашни високи функционери од ВМРО ДПМНЕ.

ПРЕС24: Во која состојба е автопатот Демир Капија-Смоквица... Што е таму пречка за довршување на изградбата. Се споменуваше преместување на некој далновод? Дали тоа е единствениот проблем. Јавноста очекуваше дека тој автопат ќе биде прв готов веќе ова лето.. Вие споменувате ноември како краен рок. За што точно се работи?

СУГАРЕСКИ: Тоа автопатска делница е завршена над 90%. Има неколку проблеми кои останува да бидат решени до 01 ноември кога истекува рокот за довршување. Тие проблеми се однесуваат на преместување на еден енергетски објект на МЕПСО, сигнализацијата како и изградбата на контролниот центар во Неготино се со цел тој автопат да биде безбеден за сите кои ќе го користат.

ПРЕС24: Покрај автопатските делници, како нов министер наследивте и отпочнати активности за градба и реконструкција на многу локални и регионални патни правци. Што станува со нив?

СУГАРЕСКИ: Владата на СДСМ ќе продолжи со изградба на патишта. Ние имаме план за изградба на патот Скопје-Блаце, за продолжување на изградбата на експресниот пат Градско – Прилеп како и на патиштата меѓу Штип -  Кочани и Штоп - Радовиш кои ги има во програмата на Владата. Значи, патиштата што се почнати ќе бидат довршени. Штом веќе се одвоени пари од буџетот, тие мора да бидат завршени. Не може да се менуваат приоритетите, тоа за што се дале пари на граѓаните мора да биде завршено, не може секоја нова Влада да ги менува проектите. Но оваа Влада ќе оди кон тоа најголем дел од проектите да се финансираат со пари од буџетот, со евтини кредити и пред се преку ИПА проектите кои сметам дека досега не се доволно користени.

ПРЕС24: Минатата недела бевте во Бугарија... со источниот сосед останува прашањето за железничкиот коридор. Има ли конкретни планови за негово завршување?

СУГАРЕСКИ: Разговаравме со министерот за транспорт на Бугарија  и во Софија има интерес изградбата на коридорот да се интензивира. Од наша страна, веќе имаме план да ја забрзаме динамиката за изградба на пругата од Куманово до Бељаковце односно до бугарската граница. Бугарската страна пак презеде обврска за довршување на 2,5 километри од нивна страна со што тунелот кој ќе се наоѓа на самата граница ќе биде завршен. Сакам да потенцирам дека овој проект е стар 30 години, ветуван е од сите политички елити и никогаш не е завршен. Ние презедовме обврска и ќе го завршиме во целост.

ПРЕС24: Во каква кондиција е министерството за транспорт и врски, во смисла на финансиски и кадровски потенцијал?

СУГАРЕСКИ: Со ребалансот  на буџетот сите средства за  непродуктивни трошоци, значи службени патувања, репрезентации, се скратени. Станува збор за сериозни намалувања. Од друга страна, најголем дел од капиталните инвестиции  кои се во завршна фаза, а се предвидени со буџетот, ќе бидат завршени во определениот рок.

ПРЕС24: Ја посетивте ли зградата на министерството која е во фаза на реконструкција и кога очекувате нејзино завршување?

СУГАРЕСКИ: Не сум ја посетил. Од поранешниот министер за транспорт Владо Мисајловски бев информиран дека ќе биде готова за еден месец.  Значи требаше да биде готова на 30 јуни. Но се уште не е завршена. Сега тече рокот од 15 дена во кои компанијата изведувач има обврска да ги заврши сите активности.

ПРЕС24: Ќе ја продолжите ли како влада политиката на субвенционирање на ниско буџетни авиокомпании и летови од и до Македонија?

СУГАРЕСКИ: Согласно програмата предвидуваме да ги видиме сите опции за охридскиот аеродром Свети Апостол Павле да стане аеродром исклучиво за летови на ниско буџетните компании. Се што е направено добро и е во интерес на граѓаните, ќе продолжи.

ПРЕС24: Дали на Македонија и потребен државен авиопревозник?

СУГАРЕСКИ: Апсолутно, да. Можеби треба да ги земеме предвид примерите од соседството за правење на јавно – приватно партнерство за реализирање на овој проект. Во секој случај ќе ги разгледаме сите опции и ќе го извлечеме најдоброто решение

извор: Прес 24