За владиниот проект „Купи куќа за млади“ досега се одобрени 18 апликации, а се разгледуваат уште 80, информира претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на денешниот работен состанок за проектот.

Од одобрените 18 апликации,  16 се за изградба на нова куќа, а две за доградба и надградба на куќа. Седумнаесет од барањата ќе се финансираат со моделот „субвенција на рата“, а едно  со „субвенција на учеството“.

- Од 18 одобрени барања се субвенционирани станбени кредити во вкупен износ од 609.002 евра за кои вкупно одобрените субвенции за двата модела изнесуваат 382.351 евро, информира Груевски.

Во општина Илинден се одобрени четири барања, по две во Кисела Вода и Кочани, а по едно барање во Ѓорче Петров, Карпош, Сопиште, Свети Николе, Радовиш, Македонска Каменица, Кавадарци, Гевгелија, Прилеп и Струга.

Груевски истакна дека паралелно со обработката на 80-те барања во наредниот период треба да се продолжи со работа на дефинирање нови парцели за овој проект во општините и изработка на урбанистичката документација.

- Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ помага при изработката на детални урбанистички планови и нивно финансирање а ќе помагаме онака како што најавивме и трошоците на општините за градба на водовод, канализација и пат, потенцира Груевски.

Како што информира министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, во 49 општини има 53 локации за „Купи куќа за млади“. Со тоа, укажа, е достигнат првичниот план да се обезбедат околу 7.000 локации каде ќе може да се градат куќи од овој проект.  Се очекува до крај на годинава или почеток на идната да почне продажба на парцелите.

Преку моделот „Субвенција на месечна рата“ Владата во тек на 11 години отплаќа дел од ратата за кредит за куќа. Во првите 8 години 80 проценти од ратата (главнина и камата) и следните три години (9-та, 10-та и 11-та) 50 проценти од ратата. Пресметките на Владата покажуваат дека граѓаните кои ќе го искористат овој модел можат да добијат и до 33.000 евра неповратни средства за купување, изградба или надградба на куќа од причина што субвенцијата за кредит од 50.000 евра изнесува 33.000 евра, субвенцијата за кредит од 40.000 евра изнесува 28.000 евра, субвенцијата за  кредит од 30.000 евра изнесува 20.000 евра….

За вториот модел „Субвенција за учество“, Владата субвенционира 100 отсто од учеството од кредит (до 25 проценти од земениот кредит) за купување куќа. Средствата што можат да се добијат преку овој модел се до 12.500 евра за учество за кредит од 50.000 евра. За кредит од 40.000 евра субвенцијата е 10.000 евра,  а субвенција за учество за кредит од 30.000 евра изнесува 7.500 евра.

ИЗВОР МИА