Mинистерот за транспорт и врски, Горан Сугарески оствари работна посета на општина Кавадарци.

На средбата со градоначалникот разговараа за инфраструктурните проекти што се реализираат во Кавадарци.

Министерот Сугарески го информираше градоначалникот Јанчев за проектите од патната и комуналната инфраструктура и гасификацијата што се реализираат во Кавадарци, како и за проектите кои Министерството за транспорт и врски планира да ги отпочне во периодот што следува. Градоначалникот го запозна министерот со проектите што ги реализира општината.

Министерот ја искористи посетата на Кавадарци за заедно со градоначалникот да извршат увид во реконструкцијата на северниот булевар на општината, проект кој се реализира во соработка со ЈП за државни патишта.

Во изјава за медиумите, министерот Сугарески истакна дека еден од најзначајните проекти што се реализираат во општината е изградбата на магистралниот гасовод кој ќе се донесе точно до индустриската зона Кавадарци од каде понатаму сите компании ќе можат да се врзат на гасоводната мрежа.

Во продолжение следува изјавата на министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

  „Владата е исклучително посветена на гасификацијата, како еден од најзначајните капитални проекти. Овде минува магистралниот гасовод што се гради од Неготино до Битола. Гасоводот ќе се донесе точно до индустриската зона Кавадарци за да може понатаму сите компании да се врзат на гасоводната мрежа. Очекуваме некаде до 2020 година да биде изграден овој магистрален гасовод и понатаму сите општини да почнат да ги поврзуваат домовите на граѓаните и компаниите со гасоводната мрежа. Бенефитот ќе биде огромен за сите, како со заштеда на средства, така и за заштита на животната средина.

Во однос на изградбата и реконструкцијата на патната мрежа, сакам да истакнам дека во текот на оваа година некаде на есен ќе се започне со рехабилитација на регионалниот пат Кавадарци – Росоман  како и транзитниот дел на Кавадарци.

Друго што е значајно и сакам да го потенцирам е проектот за подобрување на водоснабдувањето во Кавадарци, финасиран од германската КФВ банка. Очекувам на наредната Седница на Влада информацијата да помине и потоа да се потпише Сепаратниот договор помеѓу КФБ банка и Министерството за транспорт и врски, за да може средствата да се користат. 

На крај, сакам да нагласам дека Владата на Република Македонија на општините гледа како партнер во реализација на капиталните проекти, сѐ со цел заеднички да создадеме подобри услови за живот за сите граѓани“ – изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.