Со доделување стипендии на 40 студенти и прогласување на најдобрите дипломски трудови Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска одбележа 68 години од основањето.

- Во целокупниот период на делување на Градежниот факултет претставува центар за развој на научнaта мисла и стручната пракса од областа на градежништвото, геотехниката и геодезијата во РМ, рече на свеченоста деканот на Градежниот факултет Дарко Мославац.

Тој потенцираше дека Градежниот факултет има долга традиција со докажани инженери и во државава и во странство.

Досега на Градежниот факултет дипломирале 3.900 градежни инженери, над 500 геодетски инженери, 110 геотехнички инженери... Покрај дипломираните инженери, од оваа образовна установа излегле над 310 магистри по градежништво, 100 по геодезија и менаџмент со недвижности и 96 доктори на науки.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески ги охрабри студентите да вложат максимални напори и да ги совладаат знаењата со што би можеле да се вклучат во создавање на просперитетна Македонија.

- Во следниот период ќе влеземе во голем инвестициски циклус и изградба на капитални проекти важни за Македонија. Во сите овие проекти во голем удел во планирањето и изградбата ќе учествуваат лица кои своето образование го стекнале токму од Градежниот факултет, рече Сугарески.

Градежниот факултет е основан на 6 октомври 1949 година. На тој датум е одржан првиот наставен час на тогашниот Технички факултет кога функционирале градежениот и архитектонскиот оддел.

извор: МИА