Mинистерот за транспорт и врски,  Горан Сугарески денеска се обрати на Првата официјална ФИДИК конференција во Македонија.

Во своето обраќање министерот Сугарески го потенцираше значењето на меѓународните договори на ФИДИК, користени при реализација на крупните капитални проекти во Република Македонија, истакнувајќи дека ваквите договори значително го унапредуваат градежниот сектор во државата.

„Следејќи го динамичниот развој во модерните договори за градење, Република Македонија отвори широко поле за употреба на применливата пракса која ги вклучува меѓународните договорни услови. Нашата земја е влезена во еден инвестициски циклус во изградба на нова патна и железничка мрежа. За најголем дел од овие проекти се склучени меѓународни договори во кои се применуваат условите од ФИДИК“ – изјави министерот Сугарески во своето обраќање.

Министерот за транспорт и врски нагласи дека општите услови на ФИДИК договорите многу јасно ги дефинираат односите помеѓу надзорот, инвеститорот и изведувачот со јасни рокови и одговорности за секоја страна, што е многу значајно при реализација на проектите.

Исто така, во својот говор министерот Сугарески ги издвои проектите кои се реализирани или во фаза на реализација во Република Македонија, за кои договорните страни ги користеле општите услови од ФИДИК договорите.

Конференцијата беше во организација на Асоцијацијата на инженери консултанти на Македонија – ФИДИК.