„Потребно е да се направи функционална легислатива, лесно приспособлива на терен сѐ со цел материјата што ги уредува законите поврзани со земјишната политика и просторното планирање да биде во интерес на сите инволвирани субјекти во оваа  дејност“-  истакна министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на денешниот форум „Регулатива од областа на просторното планирање, градежно земјиште и постапките за градење“. 

Во продолжение интегрален текст од обраќањето на министерот Сугарески:

„Република Македонија се наоѓа во фаза во која се неопходни суштински реформи на законите што го опфаќаат просторниот развој на државата, со цел да се придвижат сите процеси во насока во која ќе се воведе високо ниво на професионалност и ефикасност.  

Политиката што ја води Владата на Република Македонија во делот на земјишната политика, урбанизмот и планирањето, во следниот период ќе ги претрпи сите неопходни промени со кои сметаме дека ќе ги олесниме процедурите за работа на сите инволвирани субјекти во оваа дејност.

Во такви услови сите сме исправени пред задачата, да ја прилагодиме постоечката легислатива на новите предизвици на времето, да направиме една сеопфатна реформа, да изработиме современи закони и решенија кои на крај треба да придонесат за подобра и поефикасна употреба во пракса.  

Од тој аспект стратешка определба на Владата е создавање на нова легислатива од областа на планирањето и управувањето на просторот во која ќе бидат вметнати сите постоечки Закони што ја уредуваат сродната материја.

Можеби дел од вас се веќе информирани, Владата формираше формално тело во кое се вклучени претставници од сите државни институции, бизнис коморите, претставници од Институтите, Факултетите, невладиниот сектор и здруженија поврзани со оваа дејност. Во изминатиот период од месец дена се вршеше проверка на целокупната материја. Исто така и во наредниот период ќе се врши сеопфатна анализа на досегашните Закони и ќе се утврди точно во кои насоки ќе ги правиме реформите во оваа област, за да создадеме нова функционална легислатива лесно приспособлива на новите потреби и стандарди.   

Она што е најважно и што сакам да го потенцирам е дека сме целосно транспарентни. Како министерство што го координира овој процес, ќе бидеме кооперативни во однос на сите ваши предлози и идеи. Бидете уверени дека секој предлог што ќе стигне до нас, ќе биде разгледан на ниво  на тоа тело и сѐ што претставува квалитетно решение ќе биде прифатено.

Може се запрашувате зошто ни се потребни суштински промени?

Со измените со кои планираме да интервенираме во постоечката регулатива ќе овозможиме стандардизација, интеграција и повисоко ниво на соработка на сите поврзани субјекти. Земете го на пример фактот дека самиот Закон за градење во последните неколку години се менуваше дури 25 пати. Оттука се јави потреба да се направи ново законско решение со кое ќе се овозможи поголема функционалност во користењето.

На пример, сметаме дека е потребно да се олеснат постапките за вадење на Одобрение за градење како и постапките за дел од останатите Барања предвидени во Законот за градење. Исто така на линија сме на размислување да се намали притисокот од казнената политика преку намалување на глобите предвидени во казнените одредби.

Понатаму, сметаме дека во иднина, мора подобро да се планира просторот за да се овозможи рамномерен просторен развој во државата и да се стимулираат инвестициите во оваа дејност.

Ова се генерално нашите стратегии како би ја реформирале оваа материја и Ве охрабрувам во наредниот период да дадете и Вие свој придонес во создавање на функционална законска регулатива што ќе биде лесно приспособлива и ефикасна на терен“ - се обрати министерот Сугарески.