Министерот за транспорт и врски денеска оствари работна средба со директорот на Агенцијата за катастар на недвижности. На средбата се разговараше за можноста за подобрување на услугите во Катастарот како и реформите што во наредниот период ќе се спроведуваат во оваа дејност. 

Исто така, министерот Сугарески и директорот Тунџев информираа за намалените цени во Тарифниците за услугите што ги нуди Катастарот.

Во продолжение интегралното обраќање на министерот Сугарески:

Како една од мерките што ги ветивме пред неколку месеци и од пред извесен период започнавме да ја реализиравме во насока на поефикасни услуги, е намалувањето на цените на услугите на Катастарот.

Сакаме да ве информираме дека стапи на сила новиот Тарифник со кој се намалуваат цените на услугите што ги нуди Агенцијата за катастар на недвижности.

Силно веруваме дека ваквата мерка ќе придонесе за намалување на трошоците на граѓаните и компаниите, а од друга страна ќе овозможи побрзо, поефикасно и навремено обезбедување на услугите.

Мерката се однесува за намалување на три тарифници за услуги што ги нуди Катастарот и тоа со намалување до 90 % или:

Во Тарифникот за надоместокот за запишување на инфраструктурни објекти, цените се намалуваат во просек за 90 %.

Во Тарифникот за запишување на недвижности во Катастарот,  цените се намалуваат во просек за 51 %.

И цените во Тарифникот за надоместок за кориостење на податоците од Геодетско Катастарскиот Информационен Систем се намалуваат во просек за 28 %.

Ова е генерално намалувањае на цените во Тарифниците за што поконкретно и за поедини услуги ќе образложи Директорот на Катастарот.

Со мерката за намалување на цените на услугите на Катастарот го исполнивме ветувањето дадено во Владината програма, останувајќи и понатаму посветени на нашите реформски цели за модернизација и подигнување на капацитетот на државните институции.

Агенцијата за катастар на недвижности ја има најважната улога во регулацијата и развојот на гео-просторната инфраструктура, урабнистичкото планирање и пазарот со недвижности.

Од тие причини, нашата цел е да воспоставиме високо професионален и функционален Катастар кој ќе обезбеди брзи и ефикасни услуги на граѓаните и компаниите.

Во таа насока политиките кои во наредниот период ќе ги преземеме а се дел од нашата програмска определба е донесување нов Закон за геодетска дејност, надвор од Законот за катастар на недвижности. Овој закон е потребен за да се усогласиме со европската регулатива што се однесува на воспоставување на нов геодетски датум и изработка на нова картографска проекција на Република Македонија.

Уверуваме дека Владата и во наредниот период ќе работи на унапредување и осовременување на државните институции кои ќе имаат обврска, ефикасно и транспарентно да работат во интерес на сите субјекти во државата.