Вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и градоначалничката на општина Битола Наташа Петровска извршија увид на градежните работи на железничката пруга Битола - Кременица, проект кој е во завршна фаза на реализација.

Вицепремиерот Анѓушев посочи дека станува збор за проект којшто е финансиран од ИПА фондовите како помош од ЕУ за Република Македонија. Тој додаде дека приближувањето до Евроатланските интеграции, ќе овозможи и подобар пристап до европските фондови. Членството во НАТО и ЕУ значи и подобар живот за сите граѓани точно преку вакви проекти и преку изградба на инфраструктурата на што Владата е максимално посветена.

„Претходно за овој проект имаше многу проблеми, технички и во изведба, изведувачот не ги исполнуваше обврските. Заедно со Министерството за транспорт и врски и со МЖ Инфраструктура, вложивме големи напори, за да се надминат овие проблеми, како од технички, така и од финансиски аспект. Среќни сме и задоволни што можеме да кажеме дека ова е еден од повеќето проекти кои што ги одглавивме и се во завршна фаза на реализација. Ваквите проекти имаат двојна улога во економијата на државата, од една страна ја подобруваат инфраструктурата и даваат можност произведената роба да има побрз пристап до пристаништето во Солун, исто така овозможуваат и побрз транспорт на граѓаните и подобра и побрза комуникација со соседните земји. Втората улога е што овие проекти го заживуваат градежништвото во Република Македонија, односно имаат сериозно влијание врз зголемување на БДП. Со раздвижување на проектите кои се во портфолиото на Владата на Република Македонија во делот на инфраструктурата, ќе се заживее и градежништвото и ќе се вратат бројките на растот на бруто домашниот производ“, нагласи Анѓушев.

Министерот Сугарески потенцираше дека по цели 32 години повторно имаме железничко поврзување на Пелагонискиот регион со соседна Грција. Тој додаде дека пругата од Битола до Кременица е целосно завршена и изградена е целата траса.

„Во текот на овој месец ќе се врши инсталација на системот за сигнализација и други технички работи, така што до крајот на годината, согласно договорот, пругата ќе биде комплетно завршена. Сакам да нагласам дека со оглед на тоа дека проектот претходно беше блокиран, заедно со вицепремиерот Анѓушев и останатите министри вложивме огромен труд оваа пруга да биде изградена. Сите знаеме колку железничката линија Битола-Кременица е значајна за Пелагонискиот регион, а за многу кратко време придобивките од нејзината изградба ќе ги осетат компаниите кои работат во овој дел на Македонија. Со оваа пруга ќе обезбедиме ново поврзување со Солунското пристаниште и брз и поевтин транспорт на стоки и услуги, не само за домашните, туку и за странските компании што ги користат нашите железници. Верувам дека овој капитален проект ќе придонесе за економско јакнење на Пелагонискиот регион и севкупно за економскиот раст на Република Македонија. Покрај изградбата на оваа пруга максимално сме посветени и на железничкото поврзување со Бугарија, така да само во овие проекти вложуваме преку половина милијарда евра“, нагласи Сугарески.

Градоначалничката на Битола Петровска изјави дека овој капитален проект дава дополнителен инпут за стопанството во Битола и за севкупниот југозападен регион.

„За нас како Битолчани оваа пруга е од особено значење, бидејќи со еден крак влегува во индустриската зона Жабени и од корист за стопанствениците кои работат во тој дел на општината“, потенцираше Петровска.

Извор: Влада на РМ