Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, на денешната прес-конференција одржана во Владата на Република Македонија, ја најавиja градежната офанзива во Република Македонија на комуналната инфраструктура во државата, односно на водоводната и канализационата мрежа во населените места во општините.

„Работите на терен веќе се во полн ек“, истакна на прес конференцијата премиерот Заев, и додаде дека Владата влегува во завршницата на 31 проект за водоводи, канализации и пречистителни станици во исто толку општини или населени места, проекти во вредност од близу 17 милиони евра.

„Ниту една општина нема да биде запоставена. Владата ќе работи на рамномерен развој и распределба на средствата во руралните средини и ќе овозможи подобрување на животот и здравјето на граѓаните со изградбата на планираните канализациони и водоводни системи“, нагласи премиерот Заев.

Дел од парите за овие зафати, како што појасни премиерот на прес конференцијата, се обезбедени од буџетот на Република Македонија, а дел од Европската инвестициска банка (ЕИБ).

„Паралелно со тоа на крај се разговорите за финансирањето на проектите од ТАВ, што обезбедуваат вкупно 35 милиони евра, и дополнителни 25 милиони евра од заштеди од државни институции, кои што ги направивме во периодот наназад, а ќе бидат алоцирани, а за изградба на изградба на дополнителни водоводи, канализациони мрежи и рековме, детски градинки, училишта, кои што сите заедно се вкупно околу 60 милиони евра. 
Со оваа поддршка на Владата процентот на покриеност со канализација од сегашните 18% ќе достигне 40%. Нашата цел до крајот на мандатот да им помогнеме на локалните заедници, овој процент на покриеност со канализациона мрежа да биде максимален“ – рече премиерот Заев на прес конференцијата, дополнувајќи дека ова се услови предвидени за усогласувањето на животните стандарди на граѓаните со оние на ЕУ.

Министерот за транспорт и врски , Горан Сугарески, акцентирајќи ја програмската определба на Владата за обезбедување на високо ниво на покриеност со канализациона и водоводна мрежа на територијата на Република Македонија, истакна дека проектите, како што кажа министерот Сугарески, се остваруваат со финансиски средства од буџетот на министерството, и во соработка со ЕИБ, германската КФБ банка за поддршка на развојот, како и со помошта од секретаријатот за економски прашања од Швајцарија.

„Тоа што сакам да нагласам е дека на располагање остануваат околу 12 милиони евра неискористени средства од кредитната линија од ЕИБ. Затоа ги повикуваме сите општини кои се уште имаат на располагање средства да побрзаат, да достават готови проекти до Министерството за да можеме да ги реализираме. Затоа апелот се однесува до сите градоначалници на кои се уште им остануваат на располагање овие пари“ – изјави Сугарески.

На прес конференцијата на Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и на министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, уште еднаш беше афирмирано дека за поефикасно и навремено реализирање на сите комунални зафати на локалните самоуправи, за кои ќе биде неопходна и владина поддршка, ќе се формира Фонд за поддршка на проекти од општините, кои ќе сe финансираат од ИПА и други програми на ЕУ.


Интегрален текст од обраќањето на премиерот Зоран Заев;

Почитувани претставници не медиумите,

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Пред неполн месец, исто така заедно со Министерот за транспорт и врски, ја најавивме пролетната градежна офанзива во Република Македонија на патната инфраструктура во нашата земја. Стартувавме проекти за изградба и реконструкција на мрежа од 800 километри автопатни решенија, експресни патишта и регионални делници во вредност од 270 милиони евра.

Работите на терен веќе се во полн ек, а ние денеска најавуваме нов бран од оваа пролетна офанзива.

Стартувавме, најавуваме почеток и влегуваме во завршницата на 31 проект за водоводи, канализации и пречистителни станици во исто толку општини или населени места.

Проектите се во вредност од близу 17 милиони евра.

Дел од финансиите се од Буџетот, од граѓаните на Република Македонија за своите сограѓани во овие општини, е дел се од Европската инвестициска банка.

Проектите ги реализираме во тесна соработка со единиците на локалната самоуправа и со тоа влегуваме во остварувањето на стратешката цел да не остане општина без пристап на чиста, здрава и квалитетна вода за своите граѓани.

Истовремено ќе реализираме поголем број проекти за канализациони и одводни системи, како и за изградба на најсовремени пречистителни станици.

Ниту една општина нема да биде запоставена.
Владата ќе работи на рамномерен развој и распределба на средствата во руралните средини и ќе овозможи подобрување на животот и здравјето на граѓаните со изградбата на планираните канализациони и водоводни системи.

Со оваа поддршка на Владата и на Министерството за транспорт и врски, процентот на покриеност со канализација од сегашните 18% ќе достигне 40%. Нашата цел до крајот на мандатот да им помогнеме на локалните заедници, овој процент да биде максимален. 
Во рамките на овие активности, Владата ќе обезбеди буџетска поддршка со која до крај на мандатниот период ќе бидат заменети сите водоводни азбест-цементни цевки и сите азбест-цементни покривни површини на јавните институции во надлежност на локалната самоуправа.

За поефикасно и навремено реализирање на сите комунални зафати на локалните самоуправи, за кои ќе биде неопходна и владина поддршка, ќе се формира Фонд за поддршка на проекти од општините, кои ќе сe финансираат од ИПА и други програми на ЕУ.

Фондот ќе има за цел да обезбеди постојани и сигурни финансиски средства за капитални инфраструктурни проекти како системи за водоснабдување, изградба и реконструкција на локални патишта и улици, регионални фабрики за третман на цврстиот комунален отпад, канализација и колекторски системи, пречистителни станици за фекални отпадни води, за гасификација на општините, за улично јавно осветлување, паркови, уредување на речни корита итн.

Треба исто така да се знае дека потребата од здрава вода и современи водоводни системи, канализациони мрежи и пречистителни станици, се услови предвидени и за усогласувањето на животните стандарди на граѓаните со оние на ЕУ, кои остануваат наша приоритетна обврска со засилувањето на динамиката на процесите за членство во Унијата.

Овој проект ќе обезбеди овие стандарди за квалитет на водата утврдени од регулаторните тела на ЕУ да бидат постигнати, што ќе и помогне на Република Македонија да се стекне со пристап до фондовите на ЕУ за поддршка на доградба, одржување и осовременување на комуналната инфраструктура.

Му препуштам збор на Министерот Сугарески кој ќе ви презентира детални информации за овие проекти.

Интегрален текст од обраќањето на министерот Сугарески;

Почитувани граѓани,

Почитувани претставници на медиумите,

Oваа Влада уште на самиот почеток ја препозна потребата од инвестиции во изградба на канализациони и водоводни системи.

Тие не се само потреба, тука тоа е основен предуслов за квалитетно живеење на граѓаните.

Наследивме состојба каде инвестициите во комуналната инфраструктура беа на многу ниско ниво. Од тие причини, влеговме во еден инвестициски циклус во изградба на канализации и водоводи во општините и населените места каде граѓаните имаат потреба од такви проекти.

Нашата цел како Влада, а воедно како програмска определба е обезбедување на високо ниво на покриеност на територијата на Република Македонија со водоводна и канализациона мрежа. 
Во таа насока, сакам да потенцирам дека во тек се инвестиции во вредност од 11 милиони евра во проекти за изградба на канализациони и водоводни системи, а следат дваесеттина проекти во различни општини со вкупна вредност од околу 17 милиони евра.

Сите овие проекти ги реализираме во соработка со Европската инвестициска банка, КФВ банката, во соработка со Секретаријатот за економски прашања од Швајцарија и од буџетот на Министерството за транспорт.

Во делот на проектите кои се реализираат во соработка со Европската инвестициона банка во тек изградба се 10 проекти во вредност од 3,3 милиони евра и тоа: 
Изградба и реконструкција на водоводи во општините Струга, Берово, Пробиштип, Гевгелија, Виница, Желино, Студеничани, Македонски брод и Ресен, додека во Брвеница се работи на изградба на систем за одведување на отпадните води. 
Исто така со средства ЕИБ, веќе се склучени договори за изградба и надзор за 11 проекти со вкупна вредност од 4, 4 милиони евра и тоа: 
7 проекти за изградба и реконструкција на водоводи во општините: Свети Николе, Крива Паланка, Битола, Неготино, Велес, Куманово и Липково.

4 проекти за изградба и реконструкција на канализации во општините: Прилеп, Долнени, Струга и Лозово 
Додека во фаза на тендерска постапка се 8 проекти со вкупна вредност од 3,9 милиони евра во следните општини: Гостивар, Струмица, Теарце, Маврово и Ростуша, Демир Хисар, Куманово, Пехчево и Старо Нагоричане.

Тоа што сакам да нагласам е дека на располагање остануваат околу 12 милиони евра неискористени средства од кредитната линија од ЕИБ. Затоа ги повикуваме сите општини кои се уште имаат на располагање средства да побрзаат, да достават готови проекти до Министерството за да можеме да ги реализираме. Затоа апелот се однесува до сите градоначалници на кои се уште им остануваат на располагање овие пари.

Во делот на проектите што ќе ги работиме со поддршка на КФВ банката, ќе се инвестираат вкупно 8, 5 милиони евра, од кои 5 милиони евра грант неповратни средства кои успеавме да ги обезбедиме пред извесен период. 
Овие инвестиции се наменети за подобрување на водоснабдувањето во општините Гевгелија, Кавадарци и Радовиш.

Во соработка со Секретаријатот за економски прашања од Швајцарија, успеавме да обезбедиме грант од 4 милиони евра за подобрување на водоснабдувањето во општина Гостивар. 
Со буџет од Министерството за транспорт во тек е реализација на 5 проекти во вредност од 8 милиони евра и тоа:

Изградба на систем за вода за дел од населените места во Сопиште. Регионален водовод Патишка река, инвестиција од 2,3 милиони евра, очекувам оваа година да заврши изградбата

Изградба на канализација за населеното место Сопиште и локалитетот Сончев град, инвестиција од 4,8 милиони евра. И овој проект очекуваме да биде завршен оваа година.

Доизградба на канализација во населеното место Волково,општина Ѓорче Петров, инвестиција од 560 илјади евра, рок на изградба оваа година

Реконструкција на цевковод за населеното место Дреновци, општина Долнени во вредност од 50 илјади евра,

Доизградба на канализација во населеното место Крушеани, општина Кривогаштани во вредност од 81 илјада евра.

Почитувани,

И во наредниот период остануваме целосно посветени на нашите цели, а тоа се обезбедување на благосостојба и подигнување на квалитетот на живот за сите граѓани во Република Македонија.