Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески пред претставници на компании од Франција ги презентираше крупните инфраструктурни проекти кои во наредниот период ќе се реализираат во Република Македонија.

На средбата организирана од страна на амбасадорот на Франција во Република Македонија, Кристиан Тимоние, министерот Сугарески посебен акцент стави на изградбата на автопатиштата и експресните патишта, железницата на Коридор 8 и гасификацијата.

Тој ги повика сите заинтересирани компании да се вклучат на јавните повици при реализација на овие крупни капитални проекти.

Во продолжение обраќањето на министерот Сугарески:

" Сакам да дадам една генерална слика за тоа колку и каде ќе инвестираме.  Република Македонија се наоѓа во еден циклус на крупни капитални инвестиции особено во делот на патната и железничката инфраструктура и гасификацијата.

Во наредниот период планираме да изградиме и реконструираме преку 700 километри патна мрежа вклучувајќи ја изградбата на експресни патишта, реконструкција на преку 40 регионални патни правци и автопатски делници. Предизвик останува изградбата на железницата кон Бугарија и кон Албанија, голем фокус ставивме и на изградба на гасоводна мрежа.

Денеска тука присутни се и надлежните директори на Јавните претпријатија за патишта и железници и верувам дека сите заеднички ќе Ви дадеме информации за се што ве интересира во делот на проектите што ќе ги презентираме.

Би сакал сега накратко да ги презентирам проектите што ќе ги реализираме во делот на патната инфраструктура:

·  Изградба на автопат Миладиновци (Скопје) – Штип во должина од 47 километри, вредност на инвестицијата 206 милиони евра. Изградбата ќе заврши септември 2018 година.

·  Изградба на автопатот Кичево – Охррид, должина 57 километри. овде гелдаме можност за дополнителна соработка со други компании.

·  Изградба на автопат Гостивар – Кичево со должина од 42 километри. Планирана е изградба во 3 фази, во тек е проектирање само на првата фаза и процената вредност за изградба на првата фаза е околу 90 милиони евра. За останатите фази ќе биде потребна да се изработи проектна документација за да се утврди вредноста за изградбата.

·  Изградба на автопатска делница од Скопје до граничен премин Блаце, Косово. Должината на оваа делница е околу 13 километри. во следниот период ќе се изработи нова проектна документација и очекува 2019 година да распишеме тендер за изградба.

·  Во делот на експресните патишта набрзо ќе започнеме со изградба на експресена пат од Штип до Радовиш. Овој пат ќе го градиме во 2 фази, за првата фаза веќе имаме потпишано договор, во тек е изготвување на тендерска документација за втората фаза за изградба во должина од околу 16,5 километри.

·  Изградба на експресен пат од Градско до Прилеп, исто така го градиме фазно. За двете фази веќе имаме склучен договор, а за третата фаза од 7,5 километри планираме следниот период да распишеме тендер.

·  Изградба на експресен пат од Штип до Кочани, исто така го градиме во 2 фази. Првата веќе е отпочната, за втората фаза во должина од 13,7 километри, тендерската документација за изградба е пратена до Европската банка на одобрување.

·  Планирана е изградба на експресен пат од Прилеп – Битола – граничниот премин Меџитлија.

·  Понатаму, реконструкција и доизградба на нова лента на државен пат од Крива Паланка до Деве Баир, граница со Бугарија. Проектната документација е изработена, отпочнати се преговори со Европската банка за обнова и развој.

·  Во соработка со Светска банка започнавме проект за реконструкција на 12 патни правци со инвестициона вредност од 14 милиони евра. Во тек е изработка на проектна документација, очекуваме некаде февруари/март проектите да бидат изработени и потоа да рапишеме тендер за нивна реконструкција. Станува збор за реконструкција со вкупна должина од околу 160 километри.

·  Исто така обезбедивме 86 милиони евра средства од Европска банка за обнова и развој за реконструкција и рехабилитација на 26 патни правци со вкупна должина од преку 400 километри.  (За да не ги набројувам сите, да не одземам време, имаме детални информации кој пат, со колкава должина и со колкава вредност е инвестицијата)

·  Во тек е изградба и модернизација на наплатните станици на Коридорот 10. Се работи за модернизација на 5 наплатни станици и изградба на 2 нови. Нашите намери се да ги модернизираме и патарините на Коридор 8. За ова и за сите други проекти во делот на патната инфраструктура, тука е директорот на ЈПДП кој ви стои на располагање. 

Во однос на железничката инфраструктура спомнав и претходно дека генереално сме фокусирани на Коридор 8, односно изградба на пругата кон Албанија на Запад и Бугарија на Исток.

·  Пругата кон Бугарија се гради во 3 фази. Во тек е изградба на првата фаза, за втората фаза тек е тендерската постапака и очекуваме да се започне со изградба средината на 2018 година. Гледам можност сите заинтересирани компании да одговорат на јавниот повик за изградба на третата фаза која сметам дека е голем предизвик со оглед на конфигурацијата на теренот. Во тек е изработка на тендерската документација за ова. Очекуваме изградбата да започне 2020/2021 година, а проценетата вредност би изнесувале преку 350 милиони евра. 

·  Во однос на пругата кон Албанија завршена е проектната документација за изградба на пруга до границата со Република Албанија во должина од 63 километри. Ова ќе биде сериозен зафат со оглед дека инвестицијата би изнесувала половина милијарда евра. Се разбира за подетални информации би можел да информира директорот на Железници кој е присутен на состанокот.

Она што е ни е важно како држава и е наша програмска определба е изградба на гасовод и снабдување со гас секоја општина. Започната е изградба на неколку магистрални гасоводни правци. Тоа што за вас е интерес е дека следната година ќе се распишат јавни повици за изградба на гасоводна мрежа и тоа :

Интерконекциска врска помеѓу Македонија и Грција

Интерконекциска врска помеѓу Македонија и Бугарија

Поврзување на ТЕЦ Неготино со магастриланиот гасовод

Ова накратко се нашите планови за покрупните капитални инвестиции. Стоиме на располагање во секое време за информации поврзани со проектите", истакна министерот Сугарески.