Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска присуствуваше на промоцијата на отпочнување на три нови авионски линии од аеродромот Александар Велики и тоа кон Малта, Рим и Векше (Шведска).

Министерот Сугарески во своето обраќање најави дека Владата континуирано ќе работи на подобрување на авиосообраќајот во Република Македонија. 


Во продолжение интегралниот говор од обраќањето на министерто Сугарески:Денеска сме присутни овде за да соопштиме нова вест која е значајна за граѓаните и генерално за ависообраќајот во Република Македонија.

Од денеска граѓаните ќе можат да летаат директно на три нови дестинации од аеродромот „Александар Велики“ и тоа кон Малта, Рим и Векше (Шведска). Со тоа авиокомпанијата Визер ќе лета кон 29 европски дестинации од аеродромите во Република Македонија.

Развојот на воздушниот сообраќај во државава доведе до зголемување на дестинациите кои се достапни за македонските граѓани со највиско ниво на безбедност. Нашите заложби како Влада и понатаму ќе бидат во насока на континуирано подобрување на авиосообраќајот во Република Македонија.  За таа цел ќе се обидеме и Охридскиот аеродром да го промовираме во аеродром за нискобуџетни компании кои ќе нудат евтини летови за бројни атрактивни дестинации.

Она што сакам да потенцирам е фактот дека Владата кон сите авиокомпании кои работат на македонскиот пазар гледа како сериозен партнер во насока на развој на авиосообраќајот во земјата.  

Во оваа прилика сакам да им честитам на преставницитеод компанијата Визер за успехот што го бележат во Република Македонија. Исто така би сакал да изразам благодарност на партнерскиот однос што го имаме со ТАВ Македонија, но и на сите други авиокомпании кои оперираат од Македонските аеродроми и што се одлучија токму за Република Македонија  како земја која може да понуди различни можности, истакна министерот Сугерски.