Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска оствари работна средба со претставници на КФВ банката, предводени од Кристоф Тискенс, директор за Југоисточна Европа и Турција.

На средбата се разговараше за зголемување на соработката помеѓу Министерството за транспорт и врски и КФВ банката во делот на дополнителна поддршка за изградба на канализациони и водоводни мрежи во општините во Република Македонија.

Министерот Сугарески го отвори и прашањето за дополнителна соработка во насока на финансиска поддршка за изградба на локални патишта во општините во Република Македонија.

„Министерството за транспорт и врски со КФВ банката досега има успешна соработка. Во таа насока, на денешниот состанок побарав дополнителна поддршка за проекти во делот на локалната патна инфраструктура. Се надевам дека претставниците на КФВ детално ќе го разгледаат и ќе го прифатат овој предлог“, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Како резултат на соработката меѓу КФВ и Министерството за транспорт и врски, обезбедени се вкупно 8 милиони евра од кои 5 милиони евра се грант неповратни средства за подобрување на водоснабдувањето во општините Радовиш, Кавадарци и Гевгелија.

На крајот на средбата министерот Сугарески изрази голема благодарност за досегашната соработка со КФВ банка.

Министерството за транспорт и врски и понатаму ќе продолжи со спроведување на мерки и политики во делот на комуналната инфраструктура сè со цел подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните на Република Македонија.