Денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески изврши увид во изградбата на автопатот Кичево-Охрид и притоа ја дaде следната изјава:

Почитувани претставници на медиумите , почитувани граѓани на Р.Македонија,

Ви се обраќам од оваа теренска посета во име на вистината за изградбата на автопатот Кичево -  Охрид.

Во овој краток период откако сум министер за транспорт и врски направивме првична анализа за состојбата и проблемите кои ги затекнавме кај овој проект.

Потсетувам и дека пред три дена Специјалното јавно обвинителство покрена обвиненија кои се однесуваат на изградбата на овој автопат.

Заради лошото планирање и лошата изведба, еден од најголемите проблем кај земјените траси е појава на свлечишта, лизгање на земјиштето, односно поместување на страничните делови на патот и затрупување на делницата.

Оваа појава е најдрастична на патот Кичево – Пресека, односно од 12 до 18 километар.

Причина за ова е изборот на несоодветната траса, како и тоа што нема извршено геолошко бушење на теренот.

Не се направени или се направени минимални геотехнички и геомеханички испитувања на земјиштето.

Заради овие причини, работите се прекинати цели 13 месеци. Цели 13 месеци нема решение нема, а целата опрема е на траса.

За најдобро да ме разбере јавноста за направените штети ќе го дадам примерот со тунелот кој се наоѓа на 500 метри од тука. Првично проектирана вредност на тунелот е 29 828.637 милиони евра. Поради недостатоци во проектот од аспект на недоволни геотехнички истражни работи во фазата на изведба се врши промена на заштитната облога на тунелот во најтешка категорија со што вредноста на тунелот се искачува на вртоглави  88.930.000 евра, односно повеќе од двојно.

Доколку проектот на тунелот се базирал на реални геолошки состојби ќе се констатирало дека чинењето би било прескапо и можело да се бараат други поиздржани решенија како што се измена на трасата, подигање на нивелетата и слично.

Поради недостатоци на проектот дополнително е проектиран уште еден тунел со должина од 350 метри.

Од одговорните за надзор се побарани решенија и предлагано е да се измени проектот со проширување на ископот, односно со зголемување на ископ на земјените работи. Но, решението се одлагаше, а ваквото неодговорно работење предизвикува дополнителен трошок од 120 милиони евра. Тоа се пари на граѓаните на Македонија, трошок кој го предизвика неодговорното и расипничко владеење на Никола Груевски.

Новата влада, уште во првите 30 дена од својот мандат започна со анализи на затекнатата состојба и работи на изнаоѓање решенија:

- се снима досегашното работење од земјените работи и бетонските работи како нулта позиција и се прави анализа за сторените негативни дејства со цената на позициите;

- се планира дислокација на електроенергетските и телекомуникациските линии и решавање на имотно правните работи, како предуслов за изработка на реално остварлива програма за работа;

Состојбата со овој автопат е типичен пример, олицетворение на начинот на кој функционирала владата на Груевски. Тоа се проекти кои започнуваат со една проектирана цена, а завршуваат со низа анекси кои значително ја покачуваат цената, а резултираат со катасрофални грешки во изведбата и ненаменско трошење на парите на граѓаните.

За овој катастрофален зафат треба да се понесе одговорност!

Оттука ви ветувам дека секој нареден инфраструктурен проект кој ќе биде реализиран од новата влада ќе биде заснован на сеопфатни анализи, квалитетни проекти, домаќинско трошење на средствата и детално информирање на граѓаните.