Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов и градоначалниците на Штип и Свети Николе, Благој Бочварски и Сашо Велковски, извршија увид во изградбата на автопатот Миладиновци-Штип. 

Министерот Сугарески потенцираше дека изградбата е во завршна фаза и се очекува во многу брзо време, овој капитален проект да биде ставен во функција. 

“Денеска со директорот на ЈПДП, Китанов ја поминавме целата траса и извршивме увид во изградената делница. Со многу забрзано темпо се работи на последните неколку километри, на завршената траса се работи на поставување на знаци, табли и одбележување на коловозот. Грешките што ги наследивме ги корегиравме,  сите проблеми ги надминавме и на крај имаме квалитетен автопат кој ги задоволува сите меѓународни стандарди”, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Министерот Сугарески истакна дека иако крајниот рок беше до крај на овој месец, сепак ќе има незначително пролонгирање заради временските услови во изминатиот период. Но се очекува до средината на месец октомври, автопатот комплетно да биде завршен, појасни министерот Сугарески. 

Според директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, сите проблеми се надминати и градежните работи ќе завршат според предвидениот договор. Единствено ќе остане да се постават заштитните огради и сообраќајната сигнализација. 

“Сакам да појаснам дека ова пролонгирање од временска дистанца не значи ништо. Градежните работи ќе завршат во предвидениот рок а потоа во најбрз временски рок ќе ги поставиме знаците и таблите”, изјави директорот на ЈПДП Зоран Китанов.

Атопатот Миладиновци – Свети Николе - Штип е во должина од 47 километри, а вкупната вредност за изградба е 226 милиони евра.