Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска се обрати на Работилницата за реформи за групата закони кои го уредуваат планирањето, изградбата и просторот.  Работилница има за цел сите државни институции, комори, компании како и експерти  инволвирани во оваа дејност да дадат свое видување и конструктивни предлози во однос на Законите кои ја регулираат оваа дејност и да се изготват функционални законски решенија. 

Во продолжение интегрален текст од обраѓањето на министерот:

Најпрво би сакал да се заблагодарам на поканата на оваа Работилница и се надевам дека нашето учество на оваа заедничка средба па и понатаму во работните групи ќе придонесе за создавање на поквалитетна легислатива која ќе биде во функција на намалување на пречките со кои моментално се соочуваат компаниите што работат во оваа дејност.  

Република Македонија се наоѓа во фаза во која неопходно е да се направат суштински реформи за да може да ги придвижиме процесите во насока со која ќе започнеме да ги стимулираме домашните компании и да постигнеме контиуниран економски раст.

Политиката што ја води министерството за транспорт и врски во делот на градежното земјиште и урбанизмот во следниот период ќе ги претрпи неопходните промени со кои сметаме дека дополнително ќе ги олесниме процедурите за работа на сите субјекти инволвирани во оваа дејност.  

Со измените со кои планираме да интервенираме во законската регулатива ќе овозможиме стандардизација, интеграција и повисоко ниво на соработка меѓу сите поврзани субјекти. Со самиот факт дека последните неколку години Законот за градење трпеше дури 25 пати измени, се јавува потреба да се направи еден пречистен текст на Законот со кој ќе се овозможи негова поголема функционалност.

Исто така сметаме дека е потребно да ја олесниме постапката за вадење на одобрение за градење како и за дел од останатите барања предвидени во Законот за градење преку олеснување на процедурите и золемување на продуктивноста и капацитетот за процесирање на барањата.

На линија на размислување сме и на усогласување на Законот за градење со Законот за културно наследство бидејќи во моментов постои коализија во дел од одредбите.   

Она што е многу важно а претставува и дел од владината програма е намалување на притисокот од казнената политика. Сметаме дека во моментов одредени казни предвидени во Законот за градење се високи со што доведува до негово неефикасно спроведување. Намалувањето на казните очекуваме да биде во насока на поефикасна контрола врз компаниите и спроведување во пракса на законските одредби.

Ова се генерално наши размислувања каде би можело да се интервенира во Законот, но цврсто Ве уверувам дека во неговата измена ќе се вклучат сите засегнати страни, државни институции, комори, компании кои заеднички ќе дадеме допринос за изготвување на квалитетен Закон кој ќе биде во функција на државата и компаниите и заштита на државните интереси.  

Впрочем оваа Работилница ја има таа цел, заеднички да направиме квалитетни измени на сет на закони од земјишната и урбанистичка политика со која ќе воведеме ред во оваа значајна дејност.