Министерството за транспорт и врски во наредниот период ќе започне еден ивестициски циклус во унапредување на водоводната и канализациона мрежа, истакна министерот за транспорт и врски на денешната прес конференција. 

Проектите ќе се реазлизираат во соработка со Европската инвестициска банка, КФВ банката и со Секретеријатот за економски прашања од Швајцарија. Дел од парите се веќе обезбедени преку функционален заем а дел преку грант неповратни средства. 

Во продолжение интегралниот текст од прес конференцијата: 

Продолжуваме неуморно да работиме на остварување на програмските цели на Владата и Министерството за транспорт и врски. Ветивме дека нашето Министерство ќе биде сервис на граѓаните и општините, така и се однесуваме.

Повод за денешната прес конференција е најава на нов инвестициски циклус за изградба на водоводни и канализациони мрежи во повеќе од 20 општини, во вредност од околу 20 милиони евра.

Со оваа нова инвестиција на Министерството за транспорт и врски, онака како што ветивме, започнуваме со реализација на проектот за унапредување на водоводната и канализационата мрежа. Особен акцент ставаме на руралните општини каде процентот на покриеност со водоводна и канализациона мрежа е 18 %. Наша цел е за 4 години овој процент да се зголеми на 40% што е во функција на обезбедување на рамномерен регионален развој и баланс меѓу урбаните центри и руралните средини.

Истовремено, Министерството за транспорт и врски останува фокусирано и на изградба на комунална инфраструктура се со цел да се обезбеди поквалитетен живот на граѓаните во Република Македонија.

Сакам да потенцирам дека проектите од овој нов инвестициски циклус на Министерството за транспорт и врски ќе се реализираат во соработка со Европската инвестициска банка, КФВ банката и со Секретаријатот за економски прашања од Швајцарија.

Структурата на финансирањето на овој циклус на инвестициски проекти кој изнесува околу 20 милиони евра, ја обезбедивме дел преку функционален и поволен заем, а останатите средства се неповратни средства кои ги обезбедивме преку грант со помош на нашите меѓународни партнери.  

Еве ги проектите што ќе се реализираат а за кои веќе е целосно затворена финансиската конструкција.

ПРВО: Во соработка со Европската инвестициска банка ќе се реализираат вкупно 18 проекти во висина од вкупно 7, 4 милиони евра и тоа: 

·  Изградба на цевковод за подобрување на водоснабдувањето во Гостивар, инвестиција од околу 1, 5 милиони евра.

·  Инсталација на нови водомери со далечинско отчитување во општина Куманово, инвестиција од 1, 5 милиони евра

·  Изградба на дел од канализациона мрежа во населено место Големо Коњари, во Прилеп во висина од 268 илјади евра

·  Изградба на секундарна мрежа фекална канализација за населените места  Короишта, Ливада и Ложани во општина Струга во вредност од 456 илјади евра.

·  Реконструкција на водоводна мрежа на наслеба Превалец до село Оризари во оштина Велес, инвестиција од 354 илјади евра.

·  Во Липково ќе се гради пречистителна станица за вода за пиење, вредност на инвестицијата 1 милион евра.

·  Реконструкција на дел од водоводна мрежа во Крива Паланка, инвестиција од 235 илјади евра.

Во Долнени предвидено е да се гради дел од фекална канализација со пречистетилна станица за село Ропотово, инвестиција од 420 илјади евра.  

·  Потоа предвидени се проекти и во Неготино, Битола, Виница, Ресен, Студеничани, Старо Нагоричане и Желино.  

Имено од заемот од 50 милиони евра што се реализира преку Европската инвестициска банка остануваат на располагање уште 19 милиони евра.  

ВТОРО: Во соработка со КФВ банката обезбедени 8 милиони евра од кои 5 милиони се грант - неповратни средства а кои ќе се инвестираат за проекти за подобрување на водоснабдувањето во општините Кавадарци, Радовиш и Гевгелија.

Во соработка со Секретеријатот за економски прашања од Швајцарија обезбедени се 4 милиони евра исто така грант - неповратни средства за подобрување на водоснабдувањето во општина Гостивар.

Кончено, ја користам приликата да упатам апел до општините кои се уште ги немаат искористено средствата кои им стојат на располагање преку заемот од Европската инвестициска банка, да аплицираат со свои проекти до Министерството за транспорт и врски, за да може ние понатаму со тие проекти да ги повлекуваме средствата од  ЕИБ.