Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, денеска извршија увид во изградбата на експресниот пат Штип – Радовиш.

Вкупната вредност на инвестицијата изнесува преку 47 милиони евра.

Изградбата се одвива во две фази. Првата фаза е во тек и градежните работи се одвиваат со силно темпо. За втората фаза, делницата од Бучим до Радовиш, во тек е евалуација и набрзо ќе се избере Изведувач и ќе се започне со изградба.

„Особено сум задоволен од интензитетот со кој се одвиваат градежните работи. Според информациите што ги добивме од Надзорот, очекуваме новиот експресен пат да биде завршен пред предвидениот рок. За отприлика 2 години ќе имаме комплетен нов експресен пат од Штип до Радовиш.

Како што ветивме пред граѓаните, остануваме посветени на изградба на квалитетна патна мрежа и со силно темпо продолжуваме да градиме нови патишта и да ги реконструираме постоечките. Само во овој дел на Македонија, инвестираме преку 280 милиони евра во патната инфраструктура“ – истакна министерот за транспорт и врски Горан Сугарески во изјава за медиумите.

Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов изјави: „Во тек е евалуација на понудите за втората фаза од изградбата,  делниците од од Три Чешми до Штип и од Бучим до Радовиш и набрзо очекувам да потпишеме договор со Изведувач. Изградбата на оваа делница каде што сме денес е предвидена да трае 3 години, а изградбата на втората фаза - 2 години.  За да немаме отстапки во изградбата двете фази ќе се градат истовремено и за две и пол години очекуваме да имаме комплетно нов експресен пат од Штип до Радовиш.“

„Исто така планирана е и реконструкција на постоечкиот пат од Штип до Радовиш и избран е Изведувач“ – додаде директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.