Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов денеска извршија увид на реконструкцијата на автопатската делница од Петровец до Миладиновци и од Кадино до Хиподром.

Должината на автопатската делница изнесува 8 километри, а средствата за  инвестицијата во вредност од околу 600 илјади евра се обезбедени од буџетот на ЈП за државни патишта.

„Оваа инвестиција е дел од нашиот план за воспоставување на брз, безбеден и модерен автопат долж Коридорот 10. Имајќи ја предвид нашата интенција  Република Македонија да биде главна транзит земја наша обврска е овој Коридор да го направиме на ниво на европските патишта“ – изјави министерот за транспорт и врски.

Сугарески нагласи дека во тек е реконструкцијата на двата правци на автопатот од Куманово до Миладиновце, во тек е реконструкција на возната лента на автопатот од Велес до Градско и делницата од Неготино до Демир Капија. До крајот на февруари да се комплетира изградбата на новиот автопат Демир Капија – Смоквица, а исто така завршена е и автопатската делница Смоквица – Гевгелија.

„ Оваа Влада е силно посветена на инвестициите во патната инфраструктура. Веќе го најавивме првиот инвестициски циклус од преку 100 милиони евра така да во следниот период очекуваме многу работа по македонските патишта“ – изјави министерот за транспорт и врски Сугарески.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, најави дека во следниот период ќе се реконструираат преку 700 километри патна мрежа.