Mинистерот за транспорт и врски Горан Сугарески и градоначалникот на Битола, Наташа Петровска, денеска извршија увид во реконструкцијата на обиколницата на Битола и санацијата на свлечиштето што се појавува на тој дел од патот.

Инвестицијата е во вредност од преку 1, 5 милиони евра и се очекува градежните работи да бидат завршени во рок од 8 месеци.

 “Би сакал да упатам апел до сите возачи, да бидат трпеливи следниве осум месеци, до кога очекуваме да биде комплетно завршена обиколницата. Оваа реконструкција е дел од вкупниот инвестицискиот циклус за подобрување на патната мрежа во државата. Сакам да најавам дека за многу скоро време ќе започнеме со рехабилитација на регионалниот пат Битола - Демир Хисар, а на почетокот на следната година ќе распишеме и тендер за реконструкција на регионалниот пат од Битола до Меџитлија. Во тек се и постапки за проширување на патната делница Прилеп - Битола.  Исто така, сакам да спомнам дека извршив и увид во изградбата на пругата кон Кременица.  Задоволен сум како се одвиваат градежните работи и како што веќе најавив очекувам до крајот на годината да биде завршена. Во меѓувреме потребно е да се остварат средби со грчките власти и да се разговара за техничките аспекти за пуштање во употреба“ – истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески во изјава за медиумите.

На новинарско прашање за решавање на проблемот со ромското население што живее во близина на обиколницата, министерот Сугарески најави дека со нов проект за поставување на звучни бариери ќе се реши и овој долгогодишен проблем.

Министерот за транспорт и врск, Горан Сугарески и градоначалникот на Битола, Наташа Петровска извршија и увид во изградбата на водоводна и канализациона мрежа во село Лавци.