Во Кумановскиот регион ќе инвестираме преку 70 милиони евра во патната инфраструктура во изградба на експресни патишта и реконструкција на регионалните кои го поврзуваат Куманово со другите општини, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при доделувањето на решенија за легализација на граѓани во општина Куманово.

Остварив работна средба со градоначалникот на Куманово на која разговаравме за проектите што општината ги реализира во соработка со Министерството за транспорт и врски, како и за други тековни проекти. Во следниот периодот ќе инвестираме преку 70 милиони евра во изградба и реконструкција на патната инфраструктура во овој регион. Тука би ги спомнал: изградбата на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, изградба на трета лента од Крива Паланка до Деве Баир, реконструкција на регионалните патишта од Куманово до Свети Николе, од Куманово до Опае и до Никуштак и други помали патни правци" изјави министерот Сугарески. 

Тој заедно со градоначалникот на општина Куманово доделија триесетина решенија за легализација на дивоизградено објекти и притоа апелираа граѓаните да ги запазат новите рокови за легализација.

"Посетата на општина Куманово ја искористив и да доделиме решенија за легализација на бесправно изградени објекти. Ова е многу важен процес за сите и затоа апелирам до сите граѓани кои се уште ја немаат поднесено потребната документација, да го направат тоа што побрзо во роковите што ги предвидовме:

Едниот до крај на 2018 година сите оние кои претходно не доставиле никакво барање за легализација, значи потенцирам, станува збор за нови барања. И другиот до крај на месец јуни оваа година, за граѓаните кои претходно не ги комплетирале потребните документи, за одново да ја започнат постапката за легализација", изјави министерот Сугарески.

Министерот апелираше до сите градоначалници кои ги немаат во целост искористено средствата од ЕИБ, до Министерството за транспорт и врски најдоцна до април годинава, да поднесат готови проекти за да можат истите навремено да ги реализираат.