Mинистерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на Македонски Енергетски Ресурси (МЕР), Бајрам Реџепи извршија увид во финализирањето на градежните работи на гасоводната делница од Штип до Неготино.

Министерот Сугарески информираше дека оваа делница од гасоводната мрежа е веќе во завршна фаза, изградбата ќе заврши во најскоро време и веднаш потоа ќе се пушти во употреба. Toa ќе значи голем бенефит за сите граѓани и компании од овој регион.

Исто така, министерот истакна дека изградбата на гасоводната мрежа низ Република Македонија започна да се одвива со забрзана динамика, надминати се речиси сите проблеми и со финализирање на процесот на експропријација на земјишта, од следната година градежните работи ќе се интензивираат.

Гасификацијата е приоритетен проект на Владата, за кој за следната година во буџетот на Министерството за транспорт и врски се предвидени 1 милијарда и 557 милиони денари, со цел да се заврши изградбата во најбрз можен рок и сите граѓани и компании да ги почувствуваат неколкукратните придобивки од гасот.

За граѓаните, гасификацијата ќе значи поевтин енерген и заштеди во нивните буџети со намалување на трошоците за електрична енергија, додека за компаниите ќе се овозможат пониски трошоци и поконкурентни производи.

Исто така, во време кога започнуваме силна броба против аерозагадувањето, изградбата на гасоводот и неговото користење ќе придонесе до значителчно намалување на загадувањето во градските средини, истакна министерот Сугарески.

Дополнително, министерот Сугарески информираше дека на предпоследната седница на Влада, министерството за економија се задолжи да формира работна група која ќе одлучува за најефикасниот модел за развој на системи за дистрибуција на природниот гас во Македонија. Многу е важно во овој процес забрзано да работат и општините за да може паралелно да ги градат општинските дистрибутивни мрежи, за што побрзо побрзо гасот да го донесеме до домовите и компаниите.

Директорот на МЕР, Реџепи информираше дека должината на оваа делница во завршна фаза е 36 километри, а инвестицијата е вредна 15, 8 милиони евра.

Паралено се работи и на поврзување на магистралниот гасовод од Неготино преку Кавадарци, Прилеп па се до Битола, во должина од 92 километри. На овој потег веќе има околу 40 % реализација на градежните работи. Со инвестиција од 29  милиони евра, интензивно се работи и на делницата од Тетово до Гостивар, со околу 35% реализација на градежните работи.  

Дополнително, директорот Реџепи информираше дека преговорите за апликацијата за финансирање на интерконекциското поврзување со Грција преку ВБИФ се исто така во завршна фаза.