До крајот на јуни ќе заврши целосната реконструкција и доградбата на зградата на Министерството за транспорт и врски и ќе почне вселувањето на вработените во просториите, најави денеска министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

Како што информира при денешниот увид во градежните активности за реконструкција и доградба на зградата на Министерството заедно со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, 96 отсто од работите се веќе завршени, а се очекува до крајот на месецов да заврши целосната реконструкција на внатрешноста и надворешноста на објектот.


- Министерството за транспорт и врски беше претесно и прилично руинирано. Се одлучивме за темелна реконструкција, но и за надградба со што  површината на објектот двојно се зголеми. При почетокот на реконструкцијата се констатираше дека има слабости со темелите и дека треба да се зајакнат поради што многу се работеше и на статиката и затоа малку се одолжи времето за реализација, изјави Груевски.


Тој посочи дека за целосната реконструкција на внатрешноста и надворешноста, фасадата и новите два ката на Министерството се инвестирани 5,5 милиони евра. 

- Министерството првично имаше површина од околу 2.800 метри квадратни,а со доградбата на двата ката е зголемена на 4.580 метри квадратни. Сега во Министерството ќе бидат сместени сите службеници заедно со досега дисперзираните оддели за патниот сообраќај, рече Мисајловски и нагласи дека е направено тестирање на статиката на објектот од страна на ИИЗИС.


Со тоа, како што кажа, ова ќе биде една од ретките згради во која се направени сите тестови за статика, а паралелно ќе се прави и подобрување на статиката на соседниот објект на Министерството, зградата Ибни Пајко што ќе се реализира во втората фаза.