Овозможена работа на фабриките и транспортот и за време на построгиот полицискиот час, работниците ќе одат на работа со посебни дозволи
08.04.2020
Владата на Република Северна Македонија, на 36-та седница, одржана на 6 април 2020 година, покрај усвоените заклучоци, мерки и препораки во функција на преземање дополнителни мерки и активности за превенција од ширење на болеста КОВИД-19 (коронавирус), заклучи дека економските оператори што работат во прва смена треба да го организираат работниот процес согласно забраната и посебниот режим на движење, а производствените капацитети кои работат и во втора, трета и четврта смена да го организираат својот начин на работа како и до сега, со издадени дозволи за движење од страна на работодавачот согласно пропишаниот образец.
Производствените погони, фабрики и транспорт ќе продолжат да функционираат и во време на полицискиот час којшто од утре 8 април почнува од 16:00 часот и ќе трае до 5:00 часот следното утро секој работен ден, како и за време на викенд (од петок од 16:00 часот до понеделник до 5:00 часот).
За оваа намена самите работодавачи ќе издаваат посебни дозволи за движење на работниците во време на полициски час исклучиво до и од работното место. Ве информираме дека станува збор за истите дозволи коишто се издаваат на образецот усвоен од страна на кризниот штаб, а ги издаваат самите одговорни лица во компанијата.
Во дозволата се наведуваат основните податоци за работникот, адресата на живеење, но и работното место и називот на компанијата во којашто работи лицето. При тоа, се наведува и смената во којашто е ангажиран работникот. Дозволата ќе биде потврда за движењето на работникот во услови на воведен полициски час и истата при контрола ќе треба да се приложи на увид до органите на државата. Дозволата за движење важи исклучиво за лицето на чиешто име е издадена.
Овие издадени дозволи од страна на работодавачот не треба да бидат заверени и потврдени од страна на Министерството за внатрешни работи, или надлежното ОВР.
Заштитата на здравјето на работниците е основен услов за заштита на целата економија, а Владата и стопанството имаат иста цел - во овие вонредни услови работењето на компаниите да продолжи, но истовремено да се сочува и јавното здравје.
Затоа апелираме до компаниите коишто работат во смени и за време на полицискиот час да покажат одговорност, да се придржуваат и да ги почитуваат мерките за заштитата на работниците во услови на епидемија од КОВИД-19. Инспекциските служби се на терен и ќе го следат почитувањето на препораките:
- Во погоните каде непосредно се врши производниот процес да се лимитира бројот на вработени до таа мера да работниците бидат на растојание од 1,5 до2м.
- Во самиот погон задолжително да се обезбеди средство за дезинфекција нa раце и работни површини.
- За време на работното време од страна на вработените да се почитуваат општите препорачани мерки за повисоко ниво на лична и општа хигиена.
- Да се врши почесто проветрување на работните простории односно повеќе пати во текот на денот и доколку е тоа можно (преку природна и вештачка вентилација).
- Еднаш неделно да се врши дезинфекција на сите работни простории, особено во погоните, од овластена служба за тоа.
- Во случај на непосреден контакт со позитивен лабораториски потврден случај на КОВИД-19 (со или без симптоми), лицето веднаш се изолира и се пријавува до надлежен Центар за јавно здравје.
- Да се избегнува контакт на вработените лица од погоните меѓу себе во текот на работниот процес, а особено со административните службеници.
- Во случај на потреба од административна работа, потпишувањето на хартиени документи да се спроведува исклучиво преку едно одредено лице кое носи лична заштитна опрема на себе (заштитна маска и ракавици).
- Лицата задолжени за обезбедување на објектот да носат исто така лична заштитна опрема.
- Возачите кои дистрибуираат готови производи, репроматеријали, хартиени документи, исто така да носат лична заштитна опрема.
- Да не се одржуваат состаноци/колегиуми и истите да се спроведуваат по телефон или на мејл.