Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески заедно со заменик министерот за транспорт и врски, Садик Беќири,  директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов и директорот на ЈП Македонија пат, Гајур Кадриу извршија увид во градежните работи во рехабилитација на автопатската делница Сарај – Групчин.

Се работи за рехабилитација на дел од автопатот од Скопје кон Тетово во должина од 17 километри и инвестиција во вредност од 1. 1 милион евра, средства обезбедени од Буџетот на ЈП за државни патишта.

Во изјава за медиумите, министерот Сугарески истакна дека во западниот дел на Република Македонија се инвестираат преку половина милијарда евра за изградба и реконструкција на патната мрежа на Коридор 8. 

„Реконструкцијата на делница беше неопходна, затоа што возната лента беше најоштетениот дел од автопатот кон Тетово, а сите сме свесни колку возила дневно поминуваат на оваа делница. Затоа беше потребна итна интервенција со цел комплетно да ја рехабилитираме и да овозможиме сообраќајот да се одвива побезбедно. 

Покрај реконструкцијата на автопатот од Скопје до Тетово, во втората половина на 2018 година преку ЈП за државни патишта ќе се распише тендер за проектирање за реконструкција на патот од Тетово до Гостивар на ниво на стандарден автопат.

Во меѓувреме се работи на реконструкција на државниот пат од Гостивар до Кичево, со вкупна вредност на инвестицијата од преку 6 милиони евра.

Во тек е и  проектирање за изградба на нов автопат од Гостивар до Кичево и секако продолжуваме со изградба на автопатот од Кичево до Охрид“ – изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Директорот на ЈП за државни патишта истакна дека од вкупната должина до сега се асфалтирани 9 километри и се очекува до крајот на јуни реконструкцијата на делницата на потегот од Скопје кон Тетово да е комплетно завршена. Во текот на овој месец ќе започнат и градежните работи за реконструкција на делницата на потегот од Групчин кон Сарај, изјави директорот на ЈПДП, Зоран Китанов.