Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески одржа прес-конференција на која ја презентираше Националната Транспортна Стратегија 2018-2030.

Националната Транспортна Стратегија е документ со кој се дефинираат јасни насоки за инвестициони планирања во инфраструктурата и развој на целокупниот транспортен систем во Република Македонија.

Стратегијата содржи имплементационен план во кој се опфатени 104 активности со проценет буџет од околу 4,2 милијарди евра, планирани да отпочнат со реализација до 2030 година. 

Во своето обраќање, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески истакна дека крајната цел на Националната стратегија е да развие хармонизиран транспортен сектор што е меѓународно компатибилен и интегриран во европскиот систем на транспортни мрежи, кој ќе го стимулира економскиот и социјалниот развој на земјата, ја зачувува животната средина и ги обезбедува потребите на идните генерации.

Во продолжение следува интегрален текст од говорот на министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

„Сакам да информирам дека по предлог на Министерството за транспорт и врски, Владата на Република Македонија ја донесе Националната Транспортна Стратегија 2018 - 2030 година.

Со стратегијата се дефинираат јасни насоки и конкретни правци за идните инвестицони планирања во делот на целокупната транспортна инфраструктура и развојот на севкупниот транспортен систем во Република Македонија. 

Националната Транспортна Стратегија 2018-2030 е документ кој содржи индикативен имплементационен план во кој се опфатени 104 активности со проценет  буџет од околу 4,2 милијарди евра, планирани да отпочнат да се реализираат до 2030 година.

Национална транспортна стратегија е изготвена врз база на детална анализа на состојбите во целокупнио транспорт и овозможува проценка на најдобрите решенија и дефинирање на транспортните цели на Владата за постигнување на високо ниво на одржливост и ефикасност во националниот транспортен сектор.

Со Стратегијата е предвидено да се постигнат 4 главни цели:

1.  Зајакнување на Интеграцијата во ЕУ и промовирање на регионална соработка преку завршување на патната и железничката мрежа на Пан-Европските Коридори и европските рути.

2.  Подобрување на економската одржливост на национално ниво заради повисоко рангирање на земјата со Индексот на логистички перформанси на Светска банка.

3.  Воведување на „зелена мобилност“ и логистика, фокусирана на еколошка ефикасност на транспортниот сектор преку намалување на емисиите стакленички гасови од транспортот за 15,1% во 2025 година и за 18,6% во 2030 година, споредено со претходните нивоа.

4.  Воспоставување на сигурен и безбеден транспортен систем во сите видови на транспорт преку намалување на бројот на смртни случаи на патиштата до 50% до 2030 година.

Бидејќи споменав дека станува збор за стотина активности, во оваа прилика ќе ги спомнам само поголемите, а доколку сте заинтересирани  за повеќе детали, Националната Стратегија може да ја најдете на веб страната на Министерството.

1.  Во насока на интеграцијата во ЕУ и регионот, предвидена е изградба на нови и надградба на постоечките патни и железнички делници на ниво на современите технички стандарди.

Во рамките на оваа цел планирано е завршување и модернизација на патните и железничките Коридори 8 и 10, како и Рута 6, 8 и Рута 10 и тоа:

-  Модернизација на Коридор 10

-  Дозавршување на автопатот Кичево-Охрид,

-  Изградба на нов автопат од Гостивар до Кичево,

-  Модернизација на автопатот од Скопје до Гостивар,

-  Изградба на автопатот од Скопје до Блаце,

-  Изградба на ниво на автопат делницата од Крива Паланка до граничен премин Деве Баир

-  Надградба на регионалниот пат Куманово-Страцин,

-  Надградба на автопатска делница Струга-Ќафасан,

-  Завршување на Коридор 10Д преку изградба на експресниот пат од Градско до Прилеп, изградба на ниво на автопат од Прилеп до Битола и изградба на нов експресен пат од Битола до Меџитлија,

-  Изградба на ниво на автопат од Струмица до границата со Бугарија,

-  Воведување на електронска патарина на Коридор 10 и Коридор 8,

-  Изградба на пругата од Куманово до границата со Бугарија (трите делници),

-  Изградба на пруга до Кичево до граница со Албанија за да го комплетираме цел Коридор 8.

-  Реконструкција на пругата од Скопје до граница со Косово

-  Преземање на активности за изгардба на пруга од Скопје до аеродорм Скопје

-  Оваа цел вклучува и финализирање на Усогласувањето на домашната транспортна легислтива со Европското законодавство.

2.  Во делот на подобрувањето на економската одржливост на  национално ниво предвидени се проекти за:

-  Изградба на заеднички граничен премин на Табановце со Република Србија,

-  Модернизација и обезбедување на железничките премини,

-  Поставување на заштитна ограда на автопатот вдолж Коридор 10,

-  Воведување на РАМС и РИМС системи – автоматско снимање  на оштетените делови на патиштата и пругите,

-  Воспоставување на Национална Воздухопловна Стратегија

-  И развој на урбаниот транспорт со посебен фокус на „зелениот транспорт“.

-  Субвенционирање на билети за јавен транспорт,

-  Воспоставување на велосипедски и пешачки патеки и зони

3.  Во однос на намалување на загадувањето и воведување на еколошки транспорт, предвидена е:

-  Развој на железничката инфраструктура како зелен транспорт кој ќе придонесе во намалување на загадувањето преку намалување на користење на автомобилите

-  Изградба на мултимодален јазол, што подразбира вкрстување на едно место на  трите видови на транспорт патен, железнички и авионски. Авионски е предвиден заради  близината на Меѓународниот аеродром -Скопје. На ова место е предвидена изградба на логистички центри во смисла на царина, шпедиција, пошта и слични услуги за олеснување на процедурите на едно место.

4.  И на крај безбедноста како мерка, но не помалку важна од претходните,  подразбира вопоставување на систем за заголемување на безбедноста во сите аспекти од сообраќајот. Тоа вклучува:

-  Формирање на Извршно тело за бебзедност во сообраќајот, мерка која веќе ја најавивме.

-  Понатаму, детектирање на сите Црни точки на патиштата и подобрување на безбедност во овој дел

-  Воспоставување на интелегентен транспортен систем на Коридор 10. Ова подразбира мониторинг преку следење во реално време на сообраќајот и отстранување на евентуалните пречки.

Ова генерално се само дел од проектите што се опфатени со Стратегијата а спомнав ги има преку стотина.

Нашата цел е до 2030 година, Националниот транспортен систем на Македонија да се состои од интегриран патен, железнички, воздушен и урбан транспорт ефикасно регулиран со одржлива транспортна политика.

Според тоа: Патиштата  ќе  бидат  целосно  прилагодени  на  сообраќајот  и  ќе  бидат  соодветно одржувни. Патниот  сектор  ќе  биде  регулиран  со  правилата  на  конкуренција,  под контрола  на  модерна  администрација  и  транспарентни  прописи.

Превозниците и давателите на услуги ќе бидат добро обучени професионалци, користејќи опрема во добра состојба за обезбедување високо ниво на услуга.

Железничкиот транспорт ќе биде со висок квалитет во однос на фреквенцијата, на времето, на удобноста, на доверливоста, на безбедноста и на сигурноста. Управувањето со инфраструктурата и оперативните услуги ќе ги нудат ефикасни оператори кои ќе гарантираат испорака на квалитетни јавни услуги.

Воздушниот транспорт ќе се придржува на Европското отворено небо, ќе дава брзи и квалитетни услуги и ќе обезбеди полесен пристап до меѓународните пазари.

Урбаниот транспорт ќе понуди ефикасни и интегрирани јавни транспортни услуги што се еколошки  прифатливи  и  што ќе користи  напредни ИТ-системи  како  што се единствени билети, онлаjн информации и други бенефити за граѓаните.

Крајната цела на Националната стратегија за транспорт е да се развие хармонизиран транспортен сектор што е меѓународно компатибилен и интегриран во европскиот систем на транспортни мрежи, а кој ќе го стимулира економскиот и социјалниот развој на земјата, ја зачувува животната средина и ги обезбедува потребите на идните генерации.

На крај сакам да потенцирам дека ова е Документ што ги дефинира стратешките политики во развој на транспортниот систем во земјава. Проектитет што се опфатени во Стратегијата ќе се реализираат согласно приоритетите на Владата“ – истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.