Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески заедно со градоначалникот на Битола, Наташа Петровска извршија увид во изградба на пругата Битола –Кременица.

Пругата е со должина од 16 километри а инвестицијата е во вредност од 17, 2 милиони евра. Од нив  6 милиони евра се грант од Европската Унија, а 11 милиони евра се обезбедени од буџетот на Република Македонија.

Министерот Сугарески потенцираше дека ова е најзначајниот проект во Пелагонискиот регион, бидејќи после триесет и две години овој регион железнички повторно ќе се поврзе со Грција. Изградбата на пругата е стратешки проект на Владата, кој според министерот Сугарески економски ќе го зајакне Пелагонскиот регион.

Во продолжение интегралната изјава на министерот за транспорт и врски Горан Сугарески:

“Денеска заедно со градоначалничката Петровска извршивме увид во изградбата на најзначајниот капитален проект што моментално се реализира во Битола а тоа е изградба на пругата до Кременица.

Зошто велам дека ова е најзначајниот проект, бидејќи после триесет и две години со изградба на оваа пруга, повторно од овој регион ќе го заживееме железничкиот сообраќај со нашиот јужен сосед.

Знаете дека претходно оваа пруга започна да се гради но поради слабото извршување на градежните работи договорот беше прекинат.

Заради стратешката позиција и огромната потреба Пелагонија повторно железнички да се поврзе со Грција, минатата година во номеври потпишавме нов договор со друга компанија, како што можеме да забележиме тие интензивно работат на терен и очекувам до крајот на ноември оваа година да имаме функционална пруга кон Грција.

Инвестицијата е во вредност од 17.2 милиони евра од кој 6 милиони евра се грант од ЕУ, а 11 милиони евра се обезбедени од буџетот на Република Македонија.

Со изградба на пругата ќе обезбедиме брз пристап со железница од Пелагонискот регион до Солунското пристаниште, а понатаму ќе се поврземе и со Коридор 4  се до Турција. Ова е многу значајно ако се има предвид дека близу до нас се наоѓа и индустриската зона Жабени со што ќе овозможиме брз и поевтин транспорт на стоките и услугите за компаниите не само во зоната туку и сите останати во Пелагонскиот регион.

Пругата е од огромно значење бидејќи со нејзината изградба дополнително овој регион економски ќе го зајакнеме. Покрај изградбата на оваа пруга која е приоритетен проект, фокусирани сме на изградба и на пругата кон Бугарија, а интензивно преговараме за обезбедување на финансиски средства и за изградба на пругата кон Албанија.

Со тоа, вкупните инвестиции во железницата ќе бележат околу една милијарда евра. Нашата цел е да обезбедиме брзи и функционални пруги на Коридорите 8 и 10,  нови и алтернативни правци на компаниите”, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.