Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска оствари работна средба со директорот на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката, Христијан Трајковски.

На средбата посебен акцент се стави на динамиката на изградба на станови за најранливите категории на граѓани. 

Како што беше информиран Министерот, изградбата на два објекти и тоа станбена зграда во Кочани со 43 станови и станбена зграда во Гостивар со 10 станови е веќе завршена. Се очекува до крајот на оваа година или најдоцна во првиот квартал од идната година да се распише јавен повик за распределба на станбените единици.  

„Постапката ќе биде јавна и транспарентна и стан ќе добијат само лицата на кои тоа им е навистина неоходно и стојам цврсто на таквиот став“ – изјави министерот за транспорт и врска Горан Сугарески.

На средбата се разговараше и за динамиката на изградба на станбените објекти во Гостивар и во Струмица кои се очекува да бидат завршени во текот на следната година.

Директорот на АД за станбен и деловен простор го информираше Министерот дека во следниот период предвидена е изградба на објекти наменети за лица во социјален ризик и други ранливи групи во Пехчево, Свети Николе, Виница, Пробиштип и Скопје.

На средбата меѓу другото се разговараше и за останатите проекти што ги реализира Акционерското друштво.   

„Владата на Република Македонија е силно посветена на решавање на станбеното прашање на најранливите категории на граѓани. Во следниот период ќе го интензивираме процесот на изградба на социјални станови, со цел што побрзо да им обезбедиме кров над главата на лицата на кои тоа им е најпотребно“ – рече министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.