Бочварски во Приштинa на средба со министерот Абраши, најавија нови инфраструктурни проекти за регионален развој
29.10.2020
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска беше во официјална посета на Република Косово, каде оствaри работна средба со министерот за инфраструктура на Република Косово, Арбан Абраши.
Унапредувањето на регионалната поврзаност преку изградба на автопатот од Скопје до Блаце, поврзување со гасоводот и изградба на заедничка железничка станица е од огромно значење за двете земји, потенцираше министерот Бочварски.
На средбата се разговараше за патното поврзување и изгрaдба на автопатот Скопје - Блаце. Министерот Бочварски информираше дека е започната изградба на првата фаза во должина од 2 километри и дека во тек е проектирање за втората фаза до Скопје. Увери дека се работи интензивно за да се затвори ова прашње и Скопје и Приштина да се поврзат со модерно патно решение.
Исто така низ разговорите се отвори и прашањето за патно поврзување преку отворање на граничниот премин Стрезимир и можноста за автопатско решение од Тетово до Призрен.
На средбата двајцата министри се обврзаа да ги забрзаат процедурите за отворање на заеднички железнички премин Хан Елези, со цел поедноставување на постапките за транспорт на стока и патници преку една контролна точка. Мнистерот Бочварски на средбата го информираше министерот Абраши за отпочнувањето на постапката за изработка на физибилити студија за интерконекциско поврзување на двете земји со гасоводот.
“Поврзувањето на главните градови е од огромен бенефит за нашите држави. Разговаравме за изградба на автопатот од наша страна, од Скопје до Блаце. Изградбата веќе ја започнавме и поради фактот што со Република Косово имаме сериозна економска соработка, посветено работиме за што поскоро да ја изградиме оваа автопатска делница. Во однос на гасоводот, информирав дека преку Национални Енергетски Ресурси работиме на постапката за физибилити студија за интерконекциска врска со Косово. Ова се значајни проекти кои даваат серизона шанса за економски раст и развој на нашите држави. На долг рок, треба да размислуваме и за изградба на 400 кВ далновод од Скопје до Приштина. Наша цел е да инвестираме во модерна и стабилна инфраструктура со што ќе привлечеме нови домашни и странски инвеститори во индустриските зони. Посакувам Ковид-кризата побрзо да ја надминеме за да можеме уште посериозно да влеземе во реализација на капиталните инвестиции и да ја интензивираме економската соработка. Во наредниот период ќе организираме и втора средба во Скопје, на која подетално ќе разговараме за сите тековни и идни проекти”, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Министрите се согласија дека регионалното поврзување е клучно за економскиот развој на двете земји и во таа насока Република Северна Македонија и Република Косово ќе работат на интензивирање на соседските односи и економската соработка.