ГЕВГЕЛИЧАНИ КОНЕЧНО ДОБИЈА ЧИСТА И КВАЛИТЕТНА ВОДА ЗА ПИЕЊЕ
07.11.2018
Mинистерот за транспорт и врски, Горан Сугарески денеска присуствуваше на настанот по повод пуштањето во употреба на новиот водоснабдителен систем во општина Гевгелија.
Проектот е во вредност од 1, 7 милиони евра, средства обезбедени од Министерството за транспорт и врски, Европската Унија, Светска Банка и општина Гевгелија.
Со пуштањето во употреба на новиот систем ќе се подобри водоснабдувањето во градот, со што ќе се реши долгогодишниот проблем на жителите на Гевгелија.
Во своето обраќање, министерот Сугарески истакна дека централната власт ќе продолжи да ги поддржува општините и во таа насока Владата на Република Македонија преку Министерството за транспорт и врски ќе обезбеди 70 милиони евра за изградба и реконструкција на локалните патишта и улици и ќе обезбеди нова кредитна линија од Европската инвестициска банка за подобрување на водоводните и канализационите мрежи во сите општини.
„Нема поголема сатисфакција од тоа кога ќе видите задоволни граѓани. Токму овој систем кој денеска официјално ќе го пуштиме во употреба е пример за тоа како треба да работи една општина за подобрување на условите за живот за своите жители. Имајќи предвид дека најгорливиот проблем на гевгеличани беше токму водата за пиење, со изградбата на овој систем очекуваме да се надмине деценискиот проблем и конечно да се подобри водоснабдувањето во градот. Министерството за транспорт и врски беше дел од овој голем проект, партиципирајќи со средства преку кредитната линија од Европската Инвестициона Банка. Сега кога овој предизвик е надминат, очекуваме во наредниот период локалната самоуправа да работи на нови проекти за да се надградува економскиот потенцијал на Гевгелија. Ние како Влада дополнително ќе ги поддржуваме и помагаме општините, се со цел заедно да придонесеме за нивен економски раст и развој. Ако општината е богата ќе има и задоволни граѓани“ – истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
По повод 7миНоември, Денот на ослободувањето на Гевгелија, министерот Горан Сугарески положи цвеќе на Спомен - костурницата на паднатите борци и им го честита празникот на жителите на Гевгелија.