Изградбата на автопатот Скопје - Блаце со силна динамика
15.04.2021
Првиот Заменик на Претседателот на Владата, Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, заменик министерот за транспорт и врски Беким Реџепи и директорот на ЈП за државно претпријатие Ејуп Рустеми, денеска извршија увид во изградба на автопатската делница Скопје-Блаце.
Во продолжение интегралното обраќање на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски:
" Ако пред неколку години, овој автопат беше само проект на хартија со доста проектански недоследности, конечно сме сведоци на отворено градилиште каде имаме јасна цел, а тоа е изградба на оваа автопатска делница.
Веќе покажавме на терен дека сме силно фокусирани на модернизација на Европските коридори, на регионалното поврзување и развојот на нашата земја. Иднината на државата е токму развојот на инфраструктурата преку која ќе ги зголемиме трговските релации со соседните земји и земјите во регионот.
Затоа за нас е многу важна рутата по Јадранската магистрала како значајна артерија за економијата, транспортот и извозот на нашите производи надвор од границите.
Денеска се наоѓаме на првата фаза од изградба на ввтопатот Скопје- Блаце, инвестиција е 881 милион денари, средства обезбедени од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта.
Тоа што е најважно за нас, е фактот дека експропријацијата е целосно завршена. Во моментот се работи на земјани работи и на дислокација на подземни инсталации.
Можеме да кажеме дека имаме отворен фронт за работа и ќе притсикаме кон изведувачот забрзано да работи во текот на целата градежна сезона.
Во однос на втората делница е од с.Блаце до клучка Стенковец, во должина од околу 10,5км, проектантот има изработено идеен проект кој е во постапка на одобрување од сите релевантни институции.
Понатаму следи изработка на основен проект и согалсно роковите што ги има прецизирано ЈП за джавни патишта ќе се распише и повик за изградба.
Нашата намера е да изградиме модерно автопатско решение, по сите меѓународни стандарди, безбеден за сообраќај а со тоа да ставиме крај на една ера на лоша регионална поврзаност со соседите.
Регионалното поврзување е од особено значење за економскиот развој на државата и нејзино интегрирање. Затоа инвестициите во модерни патишта се неоходни за поврзување со земјите од регионот заради побрз и полесен транспорт на стока и услуги.
Иако во прв квартал, градежништвото секогаш бележи пониски стапки на реализација заради временските услови, би сакал да потенцирам дека капиталните инвестиции во ресорот транспорт надминуваат над 15 % што е добар резултат споредбено со изминатаите години и во услови на ковид пандемијата.
Друга работа што сакам да истакнам е дека само во моментов се работи на околу 300 километри патна мрежа или инвестиции преку 820 милиони евра.
Во едни вакви услови, инвестициите во инфраструктурата продолжуваат со несмалено темпо", истакна министерот Бочварски.