Китанов: Реализиравме 48 милиони евра капитални инвестиции во првиот квартал во 2019 или преку 200 проценти повеќе отколку минатата година.
01.04.2019
За три пати повеќе имаме реализација на капиталните инвестиции овој квартал од 2019 година или вкупно 48 милиони евра за разлика од минатата година истиот период кога реализиравме само 15 милиони евра, истакна денеска на прес конференција, директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов.
Директорот Китанов потенцираше дека минатата година посебно се работело на експропријацијата за да се овозможи оваа 2019 година да се засилат градежните активности на патиштата.
“Имаме преку 200 проценти зголемување на реализација на проектите во првиот квартал од оваа година, во споредба со првиот квартал од 2018 година. Во овој момент, Јавното претпријатие за државни патишта, работи на вкупно 94 проекти, со вкупна должина од преку 700 километри патишта, на мостови и патарини со вкупна вредност од преку 850 милиони евра”, изјави директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов.
Само во овој квартал започната е изградба на експресни патишта, мостови, како и рехабилитација на магистрални и регионални патишта со вкупна вредност од 88 милиони евра и вкупна должина од преку 360 километри патна мрежа.
Тој додаде дека од почетокот на година заклучно со крајот на март, регистрирана е наплата на патната такса во висина од 7,7 милиони евра, што е за 6, 2 % повеќе во споредба со истиот период 2018 година.