Министерот Бочварски се обрати на тркалезната маса на Меѓународниот транспортен форум: Зелените коридори се еден од најуспешните примери на регионална соработка
10.12.2020
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска се обрати на тркалезната маса организирана од Меѓународниот транспортен форум, со кој претседаваше Република Ирска во пресрет на Самитот на министрите на земјите членки на Меѓународниот транспортен форум на тема: ,,Транспортот и Ковид 19".
Самитот беше организиран на највисоко ниво и на истиот учествуваа министри за транспорт и државни секретари од преку 25 земји од светот, меѓу кои САД, Велика Британија, Русија, Јапонија, Данска, Португалија.
Министерот Бочварски се обрати на првaта сесија од тркалезната маса, која се однесуваше на концептот на „зелените коридори - ленти за полесен и побрз транспорт“. Во рамките на Западен Балкан ваквите коридори се воспоставија на почетокот на КОВИД-19 пандемијата, со цел да се спречи недостиг на есенцијална стока и медицинска опрема. Воведувањето на „зелените коридори“ се покажа како еден од најуспешните примери на регионална соработка, успевајќи да ги зачува трговските текови, не само од аспект на економски придобивки, туку и за ефикасна борба против пандемијата.
,,Денес мора да размислуваме како да ги ублажиме последиците од кризата, но и да предложиме поодржливи решенија надвор од неа. Создавањето поволни услови за трговија и непречен транспорт може да го забрза закрепнувањето, бидејќи трговската соработка и слободниот проток на стоки и услуги можат да обезбедат навремена испорака на есенцијални стоки токму онаму каде што се најпотребни. Затоа, продолжувањето и надградбата на концептот на „зелени коридори“ и нивно проширување до граничните премини на сите земји, вклучувајќи ги и оние со соседните земји-членки на Европската Унија, може да даде добри резултати и да биде од бенефит за сите‘’ - истакна министерот Бочварски.
Денешната тркалезна маса беше прва од трите предвидени пред почетокот на Самитот на министри. Во мај 2021 година ќе се одржи Интернационалниот транспортен саем.