Министерот Бочварски се сретна со амбасадорот на БиХ
15.10.2020
Ве информираме дека министерот за транспорт и врски Благој Бочварски оствари работна средба со Амбасадорот на Босна и Херцеговина во Република Северна Македонија, Н.Е. Драган Јаќимовиќ.
На средбата се разговараше за капиталните проекти што се реализираат во Република Северна Македонија, со посебен фокус на изградбата и модернизацијата на Пан-европските Коридори 8 и 10 кои се од стратешко значење за развој на Регионот и негова интеграција во Европската Унија. Министерот Бочварски истакна дека Владата е силно посветена на унапредување на целокупната инфраструктура во државата и додаде дека градежните активности, и покрај Ковид-кризата со која се соочуваме, се одвиваат со добра динамика.
„Со Амбасадорот Јаќимовиќ разговаравме за сите крупни капитални инвестиции што ги реализираме во нашата држава, а се од огромно значење за регионалното поврзување и интензивирање на економската соработка меѓу земјите од Регионот. Ги презентирав тековните и планираните проекти за изградба и рехабилитација на патниот и железничкиот Коридор 8 и сите активности што ги преземаме во насока на негово што поскоро комплетирање. Исто така, разговаравме и за Проектот за локални патишта и планот за имплементација на Интелигентен транспортен систем. Споменав и дека во изминативе две години целосно ја унапредивме патната мрежа на Коридор 10 преку изградба и рехабилитација на патните делници и воведувањето на електронска наплата на патарините. Во текот на средбата го разгледавме и прашањето за воспоставување на директна авиолинија помеѓу Република Северна Македонија и Босна и Херцеговина, во насока на развој на туризмот и авиосообраќајот, интензивирање на соработката меѓу двете земји и зајакнување на пријателските односи“ – изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
На средбата стана збор и за мерките и активностите што двете земји ги преземаат со цел да ги намалат последиците од Ковид-кризата, да ја стимулираат економијата и да обезбедат непречен транспорт.
Министерот Бочварски изрази благодарност за досегашната соработка со Босна и Херцеговина и желба за интензивирање на пријателските односи и економската соработка.