Добредојдовте и во мое име на Вториот Меѓународен конгрес за патишта.
Сакам најпрво да му честитам на Друштвото за патишта за одличната организација и иницијативата во континуитет да го оддржува овој конгрес од меѓународен карактер, каде уверен сум дека ќе слушнеме за современите трендови во нискоградбата, нови идејни решенија и пракса во изградба на патната инфраструктура низ Европа и светот.
Владата на Република Северна Македонија, преку Министерството за транспорт и врски и Јавните претпријатија за патишта, силно е посветена во реализација на националната транспортна стратегија каде опфаќа изградба и модернизација на патната мрежа низ земјата.
Во текот на изминатите неколку години инвестиравме над 1 милијарда евра за изградба и реконструкција на преку 1.300 километри патна мрежа, со што дадовме силен инпут во создавање на нова патна мрежа и позиционирање на државата на главната Паневропска мрежа на Коридори.
За наредната 2023 година имаме најголем буџет за патна инфраструктура и нашите очекувања се дека заедно со ЈП за државни патишта ќе инвестираме помеѓу 350 и 400 милиони евра што ќе биде историски највисоко ниво за изградба и реконструкција на патна инфраструктура.
Ова бара сериозни и посветени тимови од проектанти до надзорни органи и изведувачи. Затоа вВ повикувам сите заедно да работиме за иднината на државата.
Нашата географска позиционираност е место каде се укрстуваат двата Паневропски коридори 8 и 10. Тоа ни дава дополнително стратешко значење и стимул да работиме на нивна модернизација заради исполнување на највисоките стандарди во патната инфраструктура.
Ова за нас како ресорно министерство е од исклучително значење во спроведувањето на транспортните политики.
Исправени пред огромните предизвици што ги диктира глобалната криза, имаме задача да оддржиме континуитет на сите стратешки проекти и сметам дека досега добро тоа го правиме.
Накратко би сакал да информирам за крупните проекти што ги реализираме:
Во делот на Коридорот 10 направена е целосна реконструкција на автопатската делница север – југ, освен на еден дел на делницата Катланово за што би сакал да информирам дека ЈП за државни патишта веќе има избрано нов изведувач за да го рехабилитираат и овој дел.
Како држава преку реализација на сите крупни капитални проекти даваме силна поддршка за развој на технолошките достигнувања и ги користиме предностите што се нудат. Во тој контекст сме во фаза на имплементација на Интелегентен транспортен систем токму на Коридор 10. Тој подразбира инсталација на системи за собирање на податоци во реално време за сообраќајот, што е од огормоно значење за поефикасен транспорт.
Понатаму врската со делот на Коридор 10-д ја правиме преку изградба на експресен пат од Градско кон Прилеп, современо патно решение со што ќе ја подигнеме безбедноста и квалитетот на сообраќајот.
Во продолжение на Коридор 10-д, во нашите стратешки планови е изградба на автопатска делница од Прилеп до Битола и понатаму нов експресен пат од Битола до Меџитлија до границата со Грција, како заокружување на патниот Коридод 10-д. На овој Коридор во тек на месец ноември завршува комплетната рехабилитација на превојот Плетвар.
Во делот на Коридорот 8, би сакал да спомнам дека доизградбата на овој коридор осебено во западниот дел е посебен предизвик во овие услови на глобална криза.
Во западниот дел на коридорот во тек е изградбата на автопатот Кичево – Охрид. Можам да кажам дека во салава ги забележувам голем дел од инволвираните што заеднички работиме на оваа автопатска делница и мораме да продолжиме со максимални напори да ја дозавршиме со сите непредвидени ситуации и тешкотии што ни се појавуваат на терен. Овде се што правиме е решавање на затекнатите проблеми, но обврската ја преземавме и продолжуваме со работа на сите 5 делници.
Оптимисти сме дека 2023 година ќе отпочнеме со градежни активности и на изградба на автопатските делници Ќафасан – Струга – Требениште, Кичево – Гостивар и од Гостивар до Тетово.
За овие делници промовираме нов концепт на изградба каде што планираме да ги доближиме проектирањето и градењето со цел најновите податоци од теренот да бидат правилно планирани и веднаш реализирани со што сигурен сум дека ќе ја забрзаме реализацијата на изградбата на западниот дел на Коридорот 8 и 10д.
Со ова ќе се обидеме да ги избегнеме реалните проблеми на терен кои ги имаме со повеќекратни репроектирања на стари проекти кои не ја даваат реалната состојба на теренот.
На источниот крак на Коридорот 8 ја завршивме рехабилитацијата на постоечкиот пат од Куманово до Страцин, активно се гради експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, инвестиција вредна повеќе од 60 милиони евра. Истичниот крак на Коридорот 8 го комплетираме со рехабилитација и проширување со трета лента на делницата Крива Паланка – граничен премин Деве Баир.
Оваа година го завршивме комплетно и експресниот пат Штип – Радовиш во рекордно време, додека во финална фаза сме на завршување на изградбата на експресниот пат Штип – Кочани, втора фаза.
Би сакал да напоменам и за уште еден многу значаен проект кој го реализираме преку Министерството за транспорт и врски, а тоа е рехабилитацијата на локалната патна мрежа и огромната поддршка што ја даваме на општините.
Навидум проект од локално значење, но верувајте од аспект на локалниот економски развој овој проект дава силен инпут во подобрување на безбедноста на сообраќајот во општините како и урбаниот развој.
Досега реализиравме преку 100 локални патишта во 49 општини, нешто што е досега најголема поддршка за локалните заедници од централната влада.
Покрај основните цели на модернизација на патишта, политиките што ги спроведуваме се во насока на развивање на хармонизиран транспортен сектор кој го интегрираме во Европскиот систем на транспортни мрежи. Генерално нашите инвестиции се насочени во :
Нашите политики имаат јасна цел, а тоа е создавање на квалитетна патна мрежа, подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани и забрзан економски раст и развој на државата.
На крај уште еднаш да испратам честитки за организацијата на овој настан честитики до Друштвото на патишта и да Ви посакам успшена конфренција.“