Отворена првата Канцеларија на Транспортната заедница
13.09.2019
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески е во работна посета на Белград, Република Србија, каде присуствува на отворањето на Канцеларијата на Транспортната заедница на земјите од Западен Балкан.
Министерот Сугарески, заедно со министрите за транспорт и инфраструктура од Србија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора во присуство на Еврокомесарот за транспорт, Виолета Булц, го означија почетокот на работа на ново отворената Канцеларија на Транспортната заедница.
Транспортната заедница е меѓународна организација составена од ЕУ и шест држави на Западен Балкан (Република Северна Македонија Република Албанија, Република Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора). Нејзината клучна цел е да ги прошири правилата, принципите и политиките на пазарот за транспорт на ЕУ во земјите на Западен Балкан преку правно-обврзувачка рамка.
Министерот Горан Сугарески во своето обраќање истакна дека преку овој Договор нашата земја ги потврдува своите заложби за усогласување на домашната регулатива со регулативата на Европската Унија и во секторот Транспорт.
„Очекуваме дека Договорот за Транспортна заедница на подолг рок ќе ни овозможи подобрена ефикасност, пониски трошоци и подобар квалитет на услугите за сите корисници на транспортот, преку отворање на пазарите и зајакнување на конкурентноста. Нашата држава интензивно работи на секторските реформи за либерализација на пазарите во одделните видови на транспорт. Верувам дека Транспортната заедница е од големо значење и во духот на исполнување на нејзините цели и задачи ќе ја зголеми соработката меѓу сите земји членки“ – се обрати министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
Договорот за формирање на Транспортната заедница е потишан во 2017 година, кога Република Северна Македонија стана полноправна членка.