Потпишан договорот со ИРД Инженеринг за Надзор за изградба на патниот Коридор 8
02.02.2023
Директорот на ЈП за државни патишта и директорот на ИРД Инженеринг го потпишаа договорот за консултантски услуги и Надзор за изградба на патниот Коридор 8. На потпишувањето покрај директорите на овие институции, присуствуваа и претседателот на Владата Димитар Ковачевски, првиот заменик претседател на Владата Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и заменик министерот за транспорт и врски Беким Реџепи.
Во своето обраќање министерот Бочварски го истакна значењето на овој важен Договор за отпочнување на постапката за изградба на автопатските делници на Коридор 8.
Во продолжение интегралното обраќање на министерот Бочаврски:
"Денешниот договор е само чекор поблиску до изградба на модерна и квалитетна патна инфраструктура на Коридорите 8 и 10-Д.
Покажуваме дека инфраструктурата е врвен приоритет на оваа Влада, а потпишувањето на овој договорот е уште еден доказ дека Република Северна Македонија останува на вистинскиот правец за европска модерна држава.
Од денеска па во наредниот период, работната група во соработка со Консултантот кој истовремено е и Надзор, ќе го започнат преговарачкиот процес со Изведувачот Бехтел и Енка со цел да се постигне квалитетен договор за изградба на преку 120 километри нови автопатски делници на Коридор 8 и Коридор 10 д.
Имено како што веќе информиравме нашите стратешки планови се изградба на автопатските делници:
Требеништа – Струга – Ќафасан во должинна од 22,5 km
Гостивар – Букојчани 30,1 km
Тетово – Гостивар 27 km
делницата Прилеп – Битола 43,4 km
Веќе напролет очекуваме да ја започнаме силната градежна офанзива за изградба на западниот дел на Коридор 8.
Во буџетот на министерството за транспорт и врски веќе се предвидени 15 милијарди денари или 244 милиони евра.
Очекувам добро менаџирање на процесите и со заеднички сили да продолжиме во изградба и модернизација на патната инфраструктура во државата.
Ако минатата 2022 година имавме рекордно ниво на реализација на капиталните инвестиции, оваа година планираме тоа ниво да го подигнеме преку реализација на најкрупните инвестиции од независноста на државата.
Нека е со среќа потпишувањето на овој договор и очекувам во наредниот период повторно да се собереме сите во овој состав и да го означиме почетокот на градежните работи на еден од најголемите проекти во земјата".