Привршува асфалтирањето на 33 улици во општина Ѓорче Петров
01.11.2019
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов заедно со градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски, денеска извршија увид во асфалтирање на улици во населеното место Волково, во општина Ѓорче Петров.
Проектот кој е во завршна фаза опфаќа реконструкција и рехабилитација на 33 улици во општина Ѓорче Петров а се реализира преку програмата на ЈП Македонија пат.
“Ваквите инвестиции се резултат на заедничките заложби на локалната и централната власт за подобрување на животот на граѓаните и создавање на услови за стопански развој. Она што сакам да истакнам е дека од денес започнува со работа проектната единица задолжена за имплементација на проектот за локални патишта, кој се реализира со средства обезбедени преку Светска Банка во висина од 70 милиони евра и опфаќа изградба и санација на локални патишта и улици. Затоа, испраќам апел до сите општини што поскоро да достават проекти до Министерството за да можат истите да се тендерираат и веќе во следната градежна сезона да започнат со изградба“, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
Министерот Сугарески додаде дека за десетина дена министерството ќе распиште јавен повик за доизградба на канализациона мрежа во општината, инвестиција од околу 700 илјади евра.
Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов истакна дека Јавното претпријатие е во континуирана соработка со сите општини и при изработката на програмите за работа ги зема во предвид барањата и потребите на граѓаните.
„Измината недела беа објавени тендерите за 9 патни правци во должина од 100 километри, а за околу 7 дена треба да стигнат проектите за рехабилитација на 19 патишта низ државата, со вкупна должина од 334 километри. Веднаш ќе се објават јавни повици и таму каде што ќе дозволат временските услови, ќе се започне со работа во текот на оваа градежна сезона“, изјави директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов.
Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски истакна дека во текот на изминативе 2 години во општина Ѓорче Петров, особено во руралните делови, се реализирани капитални проекти од огромно значење за граѓаните, со вкупна вредност од 3,5 милиони евра.