Средба Сугарески-Галовеј: Ќе се потпише нова Спогодба за воздушен сообраќај
29.08.2019
Ве информираме дека министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, оствари работна средба со амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Република Северна Македонија, Рејчел Галовеј.
На средбата министерот Сугарески ја информираше амбасадорката за инфраструктурните проекти што се реализираат во Република Северна Македонија како и реформските закони што се спроведуваат во насока на усогласување со Европската регулатива.
Министерот ги потенцираше проектите во делот на изградба на железницата на Коридор 8, гасификацијата како и подобрување на патната инфраструктутра како дел од Пан Европските коридори.
На средбата се отвори и прашањето за потпишување на билатерална Спогодба во областа на авиосообраќајот меѓу двете земји, заради претстојниот излез на Велика Британија од Европската Унија.
„Денеска остварив средба со амбасадорката на Обединетото Кралство на Велика Британија во Република Северна Македонија, госпоѓата Рејчел Галовеј. На средбата разговаравме за проектите што ги реализираме во делот на инфраструктурата. Ја информирав амбасадорката за сите капитални проекти. Исто така зборувавме и за Спогодбата што треба да ја потпишеме во насока на регулирање на авиосообраќајот меѓу двете земји, по најавите за излез на Велика Британија од Европската Унија”, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
На средбата, министерот Сугарески изрази благодарност за досегашната соработка и поддршката што Велика Британија и ја дава на Република Северна Македонија.