Средба на Државниот секретар Трајчулески со делегација на Република Романија
19.10.2020
Државниот секретар на Министерството за транспорт и врски, Митко Трајчулески оствари работна средба со делегација на Република Романија предводена од Државниот секретар на Министерството за економија, енергетика и деловно опкружување, Ливиу Рогожинару.
На средбата се разговараше за можностите за зголемување на економската соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Романија, како и за активностите што двете земји ги преземаат во насока на унапредување на инфраструктурата, подобро регионално поврзување и олеснување на транспортот на стоки. Во контекст на интензивирање на соработката и продлабочување на пријателските односи меѓу двете земји се отвори и прашањето за воспоставување на директна авиолинија Скопје-Букурешт.
Акцент на средбата беше ставен и на крупните капитални проекти за изградба и модернизација на патната и железничката инфраструктура на Коридор 8 и 10 во нашата држава, Националната транспортна стратегија 2018-2030 и проектите на Министерството за транспорт и врски за развој на мултимодален транспорт.
Романската делегација изрази интерес за размена на искуства во делот на евроинтегративните процеси, како и поддршка на Република Северна Македонија и земјите од Западен Балкан на патот кон ЕУ.