Средба на министерот Сугарески со амбасадорот Тимоние и претставници од Француската Агенција за развој
16.04.2019
Mинистерот за транспорт и врски Горан Сугарески, оствари работна средба со амбасадорот на Франција во Република Северна Македонија, Кристијан Тимоние и претставници од Агенцијата за развој на Франција.
На средбата министерот Сугарески ги информираше амбасадорот Тимоние и претставниците од Агенцијата за развој задолжени за Балканот, за инфраструктурните проекти што се реализираат во Република Северна Македонија.
Посебен акцент на средбата се стави на проектите во делот на патната и железничката инфраструктура. Министерот ги најави проектите за изградба на пругата на Коридор 8 како и плановите за развој на патната мрежа во земјава. Тој потенцираше дека во тек е инвестициски циклус преку милијарда евра и ги повика сите заинтересирани компании од Франција кои работат во делот на транспортот да учествуваат на јавните повици за реализација на капиталните инвестиции.
„Денеска остварив средба со амбасадорот и претставници од француската АФД за Балканот. Разговаравме за проектите што ги реализираме во делот на инфраструктурата, ги информирав колегите од Франција дека инвестираме преку една милијарда евра во изгардба на патишта и железници. Исто така ги повикав сите заинтересирани компании од Франција да учествуваат на јавните повици што ќе ги објавиме во наредниот период за реализација на сите планирани проекти. Се надевам дека ќе имаме добра соработка”, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.