Сугарески: Ja подобруваме целокупната инфраструктура во Делчево
11.06.2020
По рехабилитација на речиси цела патна инфраструктура во околината на Делчево, но и во целиот Источен регион, се фокусираме на локалната патна мрежа и комуналните работи, со цел да ги подобриме условите за живот на граѓаните. Во моментов интензивно работиме на изградба на канализациона мрежа, со што ќе го решиме проблемот со атмосферските води“, истакна министерот за транспорт и врски Горан при денешната посета на општина Делчево, каде заедно со градоначалникот Горан Трајковски извршија увид во повеќе инфраструктурни проекти што се реализираат во општината.
Проектот за изградба на канализациона мрежа во Делчево во должина од 2 километри е со вредност од 13 милиони денари.
„ Реализацијата на капиталните проекти во државата не само што не заста поради корона кризата, туку тие се реализираат со многу силна динамика насекаде и во секој регион. Создавањето на подобри услови за живот на жителите на Делчево е тоа што централната и локалната власт посветено и заеднички го работиме и тоа е видливо на терен. Општина Делчево преку Министерството за транспорт и врски има на располагање околу 800 илјади евра за изградба и санација на локални патишта и улици. Во првата фаза општината аплицираше за реконструкција на 3 улици и за отприлика два месеци очекувам да го распишеме тендерот, согласно правилата на Светска банка, со што веќе наесен започнуваме со реконструкцијата. Ова е показател на сериозните инвестиции во регионот. Веќе ги рехабилитиравме патиштата кон граничните премини, како и транзитот низ Делчево, па слободно можам да кажам дека генерално сè што требаше да се сработи, одговорно сработивме. Верувам дека со тоа граѓаните добија поквалитетен живот, а локалната економија услови за раст“ – изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
Министерот за транспорт и врски и градоначалникот на општина Делчево извршија увид и во градежните работи за реконструкција на неколку улици низ градот.
Градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски истакна дека во соработка со Мимистерството за транспорт и врски, локалната власт ги решава децениските проблеми на жителите на општината.
„ Со проектот за одделување на фекалната од атмосферската канализација во населбата Милково Брдо го решаваме долгогодишниот проблем со атмосферската вода, која при обилни дождови предизвикуваше поплавување на повеќе објекти и имоти на граѓаните во овој дел од градот. Досега изградивме околу 300 метри, работите се одвиваат со силен интензитет и очекуваме канализационата мрежа да биде завршена за 5 месеци. Веднаш по завршување на изградбата на атмосферската канализација започнуваме со реконструкција на улицата „Вера Јоциќ“, со што заедно со изградба на комплетно нова улица во населбата СРЦ и реконструкција на улицата „Маршал Тито“ реконструираме 1,3 километри локални улици и градиме комплетно нова улица во должина од 290 метри. Исто така, преку Министерството за транспорт и врски, Делчево има на располагање околу 50.000.000 денари, средства наменети за решавање на горливите проблеми во патната инфраструктура на целата територија на општината, а дополнително Општината со сопствени средства планира изградба на улици во градот и населените места во износ од 12 милиони денари. Како што може да се забележи, во Делчево се гради како никогаш досега и 2020 година иако тешка во однос на актуелната здравствена криза, ќе биде година на инфраструктурата“ – изјави градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски.