Сугарески: Патот Прилеп – Битола ќе се пушти во сообраќај следната недела
13.03.2020
Изградбата на клучката во ТИРЗ во Прилеп е во завршна фаза, а државниот пат од Прилеп до Битола ќе биде пуштен во сообраќај веќе следната недела, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при денешната посета на ТИРЗ Прилеп.
Министерот Сугарески заедно со градоначалникот на општина Прилеп Илија Јованоски, директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Александар Младеновски и претседателот на Советот на општина Прилеп Миле Талевски извршија увид во изградбата на клучката кај ТИРЗ Прилеп.
„Оваа зона е од големо значење за Прилеп и локалната економија и затоа особено сме фокусирани на инвестиции со кои ќе создадеме подобри услови за работа на компаниите и економски развој на градот. Сакам да истакнам дека изградбата се одвива со одлична динамика и уверувам дека комплетно ќе ја уредиме зоната согласно предвидените рокови. Кога сме кај инфраструктурата, ќе потенцирам дека како Влада сме силно посветени на подобрување и модернизација на патната и комуналната мрежа, особено во Прилепскиот регион. Особено ми е драго што интензивно се работи на рехабилитација на делот од Фариш до Дреново, кој е наш приоритет и мора да се заврши во најкраток можен рок бидејќи станува збор за најкористен пат за овој регион. Исто така, веќе најавивме дека и делот од Фариш до Прилеп комплетно ќе се рехабилитира, во тек е рехабилитација на стариот пат од Прилеп до Битола, а се работи и на патот кон Витолиште. Преку ЈП Македонија пат ќе го реконструираме патот од Кадино Село до Галичани, ќе биде реконструиран патот од Лажани до Житоше, регионалниот пат од Крушево до Демир Хисар и други патни правци во овој регион, со што ќе имаме комплетно рехабилитирана патна мрежа.“ – изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Министерот Сугарески истакна дека преку Министерството за транспорт и врски, како дел од проектот за локални патишта, на општина Прилеп и се доделени околу 1,3 милиони евра кои ќе бидат наменети исклучиво за подобрување на локалната патна мрежа и санација на улици.
Директорот на ТИРЗ Александар Младеновски изјави дека покрај изградбата на клучката која е доста голема и значајна инвестиција со вредност од 4 милиони евра и која наскоро ќе биде завршена, при крај е и изградбата на водоводот, а во внатрешноста на зоната се инвестираат дополнителни 50 милиони денари во делот на инфраструктурата.
Градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски истакна дека оваа година ќе бидат реконструирани и рехабилитирани околу 20 километри локални патишта и улици во општината.