Сугарески: Реализацијата на капиталните проекти се одвива со силна динамика
08.05.2020
Капиталните проекти се одвиваат со силна динамика и заклучно со месец април реализацијата на капиталните инвестиции за оваа година е на повисоко ниво споредено со истиот период 2019 година, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески при денешната работна посета на општина Пробиштип, каде заедно со претседателот на Владата, Оливер Спасовски извршија увид во изградба на социјална зграда.
Во прилог интегрален текст од изјавата на министерот Сугарески.
„Од почетокот на годината до сега имаме силна динамика на реализација на капиталните инвестиции. Уште на почеток сакам да ги отфрлам сите шпекулации за крах на капиталните инвестиции и одговорно тврдам дека тоа не е точно.
Ние како Влада сме транспарентни во однос на нашата работа и реализацијата на капиталните инвестиции, па граѓанините може да го проверат тоа што го тврдам со помош на алатката на Министерството за финансии, каде постојано објавуваме точни информации за процентот на реализација за секој квартал.
Она што особено сакам да истакнам е дека и покрај здравствената криза со која се соочуваме, во ресорот Транспорт во првите четири месеци од оваа година имаме повисок процент на реализација на капитални инвестиции споредено со истиот период изминатата година.
Што се однесува на изградбата на социјални станови во Пробиштип, Бутел, Неготино, Виница и Свети Николе, градежните работи се одвиваат со забрзано темпо, а средствата во висина од 3 милиони евра предвидени со Буџетот на Министерството за транспорт и врски нема да бидат намалени со никаков ребаланс на Буџетот и ќе бидат искористени за многу брзо време.
Кога станува збор за општина Пробиштип и регионот, сакам да нагласам дека има интензивна динамика на активности на патниот правец Пробиштип-Крупиште кој очекувам согласно предвидените рокови да биде комплетно реконструиран до месец август, што ќе овозможи вклучување кон новиот експресен пат Штип-Кочани. Пред само неколку дена, заедно со директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов извршивме увид во градежните работи каде забележавме дека изградбата на експресниот пат се одвива со доста брзо темпо и во најбрз временски период ќе биде завршена првата фаза од експресниот пат, односно делницата Штип-Крупиште.
Покрај патната инфраструктура и изградбата на социјални станови, само во моментов работиме на дваесетина проекти за изградба на водоводи и канализации, изминатиов период завршивме околу триесет комунални проекти, а во текот на овој и следниот месец ќе бидат објавени тендери за уште петнаесетина нови проекти.
Исто така, интензивно се работиво делот на гасификацијата и очекуваме до крајот на годината да биде завршен магистралниот гасовод Неготино-Битола и Скопје-Гостивар.
На крај ќе истакнам дека Министерството за транспорт и врски ја заврши измината година со 86% реализација на капитални инвестиции, па ако се земе во предвид дека оваа година во првиот квартал имаме повисока реализација споредено со истиот период за 2019 година, тогаш очекувам тековнава година да ја завршиме со уште поголем успех“ – изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.