Сугарески: Силна реализација на капиталните проекти во Тиквешијата
07.06.2019
Годинава сме силно фокусирани на гасификација на земјата, интензивно се работи на сите магистрални гасоводи и очекувам сите средства предвидени за овој проект да ги потрошиме. Делот во Кавадарци е веќе завршен, истакна министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при денешната посета во општина Кавадарци.
Министерот заедно со директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов и градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев, извршија увид во реконструкција на регионалниот пат Кавадарци-Росоман и транзитниот дел на Кавадарци.
“Исклучително сме посветени на изградба на магистралниот гасовод. Блок станицата за потребите на Кавадарци е веќе завршена. Следи втората фаза каде ќе се донесе гасот до мернорегулационата станица и оттука да може да се дистрибуира до сите жители и за потребите на индустриската зона. Затоа дадени се и насоките за сите градоначалници паралелно да започнат подготовки за изградба на локалната гасоводна мрежа”, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Според министерот, капиталните инвестиции во кавадаречкиот регион се одвиваат според планираната динамика на Владата.
“Она од што сме особено задоволни е завршување на градежните работи на транзитниот дел низ Кавадраци, деновиве отпочна реконструкцијата и на регионалниот пат кон Росоман. Континуирано се работи на изградба на експресниот пат Градско – Прилеп, а кон крај на овој месец се очекува да се распише тендер за изградба и на последната фаза од патот”, изјави Сугарески.
Министерот истакна дека во месец септември ќе започне реконструкција на дел од водоводната мрежа во Кавадарци, проект што се реализира во соработка со КФВ банката.
Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов истакна дека инвестициите во патната инфраструктура во Тиквешијата се реализираат како никогаш досега.
“Овие патишта не се работеле двесет до триесет години. Кога ги испитавме патиштата во Тиквешието, резултатите беа катастрофални. Затоа веднаш започнавме со инвестиции и веќе првите резултати се видливи. Во тек е реконструкција на регионалниот пат кон Росоман, во крај на месецов ќе започнеме со реконструкција на уште два патни правци, мостот во Ваташа половина е изграден, така да и во наредните буџети на ЈП за државни патишта ќе се предвидат средства за Кавадарци”, изјави директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов.
На новинарско прашање за висината на патната такса, диркторот истакна дека нема да има нови цени на патарините и дека тие ќе поевтинат со воведување на електронскиот начин на наплата.
За градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев, инвестициите што се реализираат во Кавадарци се од огромно значење за економскиот развој на општината. Тој потенцираше дека општината го завршила проектот за 22 километри гасификација на општината. Моментално се реализираат најголем број на капитални проекти што ќе го подобрат животот во Кавадраци, истакна градоначлникот.