Сугарески: Во Дојран комплетно ја рехабилитираме патната мрежа за престојната туристичка сезона.
26.02.2020
Како што ја завршивме минатата година во ресорот Транспорт со одлична реализација на инвестициите, така ја започнавме и оваа градежна сезона која започна многу порано и каде уште на стартот имаме одлична динамика во изградба и санација на целокупната инфраструктура со која менаџираме, истака министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при денешната посета во општина Дојран.
Министерот Сугарески заедно со градоначалникот на општина Дојран, Анго Ангов и директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов, извршија увид во рехабилитација на државниот пат Раброво- граничен премин Дојран.
Инвестицијта е вредна 830 илјди евра, средства обезбедени од ЈП за државни патишта.
Министерот Сугарески потенцира дека капиталните инвестиции во секторот гасификација, во комуналната, патната и железничката инфраструктура и оваа година се работат со силна динамика и се очекува високо ниво на реализација.
“ Околу 200 милиони евра инвестиции во патишта, нови проекти во гасификацијата, преку 30 нови проекти за водоводи и канализации. Оваа година ја започнавме со силно темпо. Денеска извршивме увид на рехабилитација на овој значаен патен правец, посебно значаен бидејќи го поврзува граничниот премин кон соседна Грција и од тој аспект обезбедуваме квалитетно регионално поврзување. Овој дел на државата е значаен посебно заради развој на туризмот и токму нашите залагања е да обезбедиме подобри услови во патната и комуналната инфраструктура, се со цел да го подигнеме квалитетот на услуги што ги нуди Дојранскиот регион. Инвестираме повеќе од 3 милиони евра само во реконструкција на патната мрежа. Дополнително со проектот за локални патишта што го работиме преку министерството, на Дојран му обезбедивме околу 600 илјади евра за изградба и санација на локалните улици, така да генерално патната мрежа целосно ја обновуваме”, изјави Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.
Според директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов, рехабилитацијата на овој патен правец ќе заврши до крајот на месец април, почетокот на месец мај.
“ Рехабилитацијата на овој пат ја започнавме во ноември минатата година. Го поделивме на четири дела заради поефикасна работа и веќе првиот дел е завршен. Интензивно се работи на асфалтирање на делот од Стар до Нов Дојран, па следува делот до граничниот премин. Очекуваме мајските празници оваа делница да биде подготвена за туристите, а од друга страна да ја подигнеме безбедноста во сообраќајот. Денеска се асфалтираат и последните метри од делот од Смоквица до Богданци, а морам да најавам дека проектот за обиколница Богданци е завршен и следува тендерирање”, изјави директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.
Според градоначалникот на општина Дојран, овие инвестици ќе придонесат за развој на туризмот и подобрување на услови го општината. Тој додаде дека преку проектот за локалани патишта ќе се реконструитраат и три патни правци во населените места Фурка, Црничани и Николич.