Започна изградбата на канализациона и водоводна мрежа на улица Петричка во Маџир Маало
10.09.2019
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, денеска го означија почетокот на изградба на канализациона и водоводна мрежа на улицата Петричка во скопската општина Центар.
Проектот предвидува изградба на колектор за фекална канализација во должина од 250 метри како и реконструкција на водоводна мрежа во должина од 263 метри. Инвестицијата е 8 милиони денари.
“Заеднички започнуваме со изградба на канализациона и атсмосферска мрежа како и реконструкција на водоводната мрежа по улица Петричка во вкупна должина од околу 500 метри. Изградбата отпочнува денеска и според проектот треба да биде завршена март следната година, така да жителите за шест месеци од сега ќе добијат подобри услови за живот.
За мене, а верувам дека ќе се сложите и вие е незамисливо во 21 век да се нема канализација или водовод. Ние ветивме дека во секое населено место каде што нема канализација или водовод ќе изградиме. Ова е тоа што го ветувавме да го зголемиме процентот на покриеност со водоводна и канализациона мрежа на ниво на цела држава”, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Тој потенцираше дека во моментов се работи на изградба и реконструкција на преку дваесетина водоводи и канализации и најави подготвка на јавни повици за уште десетина проекти од комуналната инфраструктура.
За градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ овој проект е од исклучително значење бидејќи се решава еден крупен проблем со жителите на оваа улица во Маџир Маало.
“Ваков капитален проект овде немало педесетина години. Добро е што централната власт дава грант средства на општините за реализација на проекти со кои ќе го подобриме живеењето на граѓаните”, изјави градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ